Од ракометното минато (6)

  • Скопјани не можеле да го издржат темпото на прволигашките натпревари и по двете стартни победи, дошло до мала криза. Во првиот прволигашки состав имало и актери од другите спортови, особено фудбалери и кошаркари

Настапот на РК Работнички во Првата сојузна ракометна лига требаше да значи уште поголема мотивација за ракометарите, Меѓутоа, дури по освојувањето на шампионската титула во Македонија почнаа проблемите. Со оглед на тоа што во првото организирано првенство на Македонија по лигашки, а не по куп-систем, многу натпревари не се одиграа, беше оспорувана титулата на Работнички. По многу дискусии во ФИСОМ (Спортскиот сојуз на Македонија) конечно беше донесена одлука, сепак, на Работнички да му се признае титулата, зашто тој немаше никаква вина што некои клубови не ги одиграа сите мечеви од тукушто завршеното прволигашко натпреварување. Причината за некомплетното, па би се рекло и нерегуларно првенство, требаше да се бара во недоволната организираност на некои клубови, кои немаа и доволно средства да го издржат долгото натпреварувачко темпо. Сепак, одговорните во ФИСОМ донесоа одлука Работнички да биде пријавен во Ракометниот сојуз на Југославија како официјален шампион на Македонија и како таков да биде учесник во прволигашките натпревари. За луѓето од РСЈ немало никаков проблем да го вклучат скопскиот тим во Сојузната лига, бидејќи според пријавата од тогашниот Ракометен одбор на Македонија (подоцна стана сојуз), тој како шампион ги завршил натпреварите во Македонската лига. Така, желбата на скопјаните се оствари и тие во 1950 година заиграа во Првата југословенска ракометна лига. Тоа значеше оти покрај ФК Вардар, Македонија добива и втор прволигаш во еден спорт што во годините по Втората светска војна доби многу приврзаници и стана многу популарен.

Страте Арсовски, прв претседател на РК Работнички

Радоста на љубителите на спортот во Македонија, со добивањето на вториот клуб што ќе се натпреварува во најсилната југословенска конкуренција, беше огромна. Сите со нетрпение очекуваа да видат како ќе им се спротивстави Работнички на многу поискусните тимови, кои веќе го имаа прволигашкото искуство, но имаа и докажан квалитет. За да не остане само на радоста и РК Работнички да стане „топовско месо“ за противниците, од страна на ФИСОМ и од самиот клуб, се презедоа многу активности тој да добие прволигашка физиономија. На овој план, според пишувањето во книгата на Славко Матовски, голема заслуга имал тогашниот секретар на Спортскиот сојуз на Македонија, Страте Арсовски. Тој беше човек со разбирање и организациски способности, што би се рекло, онаков каков што му беше потребен во тие моменти на РК Работнички. И јас го познавав Страте уште кога беше директор на „Нова Македонија“, во која и јас го почнав професионалниот новинарски живот. Со него имав голема соработка, кога подоцна стана претседател на Атлетскиот сојуз на Македонија. Соработката, пак, на спортски план стана уште поинтензивна кога двајцата бевме вклучени во организацијата на Светското првенство (СП) во борење во слободен стил во 1981 година во Скопје. Тој беше директор на Скопскиот саем, па некако по редот на нештата нормално беше што стана и директор (волонтер) на Организацискиот комитет на СП, кое се одржуваше токму во скопското сајмиште. Јас, пак, кој активно бев вклучен во Борачкиот сојуз на Македонија, на СП ја извршував функцијата шеф на прес-службата. Накусо кажано, Страте Арсовски не само што беше човек полн со разбирање туку беше и способен организатор. Тој ги знаеше проблемите и секогаш беше подготвен да најде адекватно решение за тие да бидат надминати. И уште нешто што го красеше првиот претседател на РК Работнички. Страте, со кого имав толку голема соработка, мене како многу помлад од него, кој бев заинтересиран и за македонската спортска историја, никогаш не ми се пофали оти бил првиот претседател на еден од најпопуларните спортски клубови во Скопје и во Македонија, ракометниот клуб Работнички. Јас го дознав тоа токму од книгата на Славко Матовски. И да бидам искрен и се зачудив. Тогаш сфатив и колку бил скромен тој човек.

Со напорни тренинзи0 до две стартни победи

Активностите околу консолидацијата на РК Работнички, уште кога било назначено првото раководство т.е. Управниот одбор, почнале да се одвиваат со едно несмалено темпо. За да не биде осамен на чело на УО на клубот, Страте Арсовски имал одлични соработници и во двата потпретседатели на клубот, професорите Војо Ѓорѓевиќ и Мирко Миркуловски. Секретарската функција му била доверена на Манас Спасовски, а технико и тренер на екипата нормално бил Славко Матовски.
Инаку, како што споменав и во претходните текстови, во РК Работнички членувале сестрани спортисти. Повеќето од нив биле вклучени во кошарката (дури четворица клучни играчи), потоа неколку фудбалери и атлетичари. Сите оние за кои Славко бил заинтересиран, не претставувало никаков проблем да го засилат ракометниот клуб, кој како прволигаш сега имал многу поголеми обврски, како кон навивачите така и кон сите спортски структури во Македонија. Зашто не било мала работа во тоа време, во кој и да е спорт, да се има прволигаш. Како што напомнав погоре, така дотогаш единствениот прволигаш ФК Вардар во РК Работнички доби партнер, кој ќе ја претставува Македонија на прволигашката југословенска сцена.
Славко Матовски од првите денови ги засукал ракавите и со сиот свој ентузијазам почнал да им ја пренесува новата игра на помладите. За да ја сфатат суштината и да знаат како сето тоа се изведува на теренот, според она што го пишува во својата книга Славко, тој почнал со запознавање на младите ракометари со правилата на играта. Ова било неопходно, зашто ова биле првите чекори за навлегување во ракометната игра, која во повеќето европски земји веќе со години се практикувала.
Кога, вака од оваа дистанца, ќе се вратам на тие времиња кога бев младо момче, се сеќавам на настојчивоста на Славко Матовски. Тој беше неуморен и го користеше секој момент да им ја всади љубовта кон ракометот на помладите спортисти. Тој воопшто не се штедеше, ако беше потребно, тоа најубаво се виде кога почна да се игра малиот ракомет, а Работнички беше прволигаш, колку многу се ангажираше, не само како тренер туку и како активен играч. Стигнуваше насекаде, знаеше оти само така може да има успех.
Вложениот труд, дополнет со ентузијазмот на членовите на раководството на клубот, уште во почетокот на натпреварите во Првата сојузна лига ги даде првите резултати. Така, во првиот прволигашки настап на 10 септември 1950 година, на гостувањето во Ниш, скопјаните го совладале тамошниот Железничар со 6-4. Тоа било вистинска сензација, зашто нишлиите имале многу поголемо искуство и важеле за големи фаворити.
Од разочарување од поразот на крајот од средбата имало и непријатни сцени. Имено, гледачите барајќи го виновникот за поразот се нафрлиле врз судијата Петровиќ. Сметале оти тој бил главниот виновник што нивниот миленик загубил. Дури по неколку часа, со помош на полицијата, ја напуштил соблекувалната, која дотогаш била под опсада на навивачите. Така, уште во првиот прволигашки старт ракометарите на Работнички, колку што биле радосни за победата, толку биле и исплашени од сите случувања по натпреварот. За среќа сѐ се завршило без некои последици и тимот со бодовите се вратил во Скопје. Тогаш за победа се доделувале три, за нерешено два, а за пораз еден бод.
По оваа победа, која одекнала како голема сензација во ракометниот свет, поради дуелот на југословенската репрезентација со актуелниот светски првак, Шведска, дошло до прекин на првенството. За македонската спортска јавност пријатна била веста оти селекторот на националниот тим, Ирис Доленец, во составот го зел и најискусниот играч на Работнички, Славко Матовски. Тој на мечот со Шведска во Загреб го одиграл целото второ полувреме и дал голем придонес во вториот дел резултатот да биде 3-3. Но конечната победа им припаднала на Швеѓаните, кои по првото полувреме имале водство дури од 5-1. На крајот конечниот резултат против светските прваци бил ублажен на 8-4.
Поради репрезентативниот дуел со Шведска имало двенеделна пауза во тукушто почнатата прволигашка сезона, која продолжила на 24 септември. Во второто коло скопјаните на Градскиот стадион го пречекале тимот на Борац од Загреб, град што се смета за колепка на големиот ракомет на бившите југословенски простори. Во вториот прволигашки настап, Работнички во драматична и неизвесна битка, за радост на повеќеилјадната публика, остварил победа над фаворизираниот ривал со 3-2. Така со две стартни победи, шест бода и гол-разлика 9-6, Работнички неочекувано се нашол во горниот дел од табелата, за по следните две одиграни средби, пораз од Динамо (Загреб) со 2-5 и победа над Кладивар во Целје со 3-0, да биде на петтата позиција на прволигашката табела. Радоста на љубителите на ракометот во Македонија за почетните резултати на РК Работнички во Првата сојузна лига во голем ракомет не траеше долго, за што ќе читате во следното продолжение.
На крајот од овој текст, интересно би било да го прочитате и составот на РК Работнички во кој ќе сретнете имиња на познати актери и во другите спортови, особено кошарката и фудбалот: Боце Калајџиев, Стојан Видински, Бранко Димитровски, Никола Киселички, Иван Кунеј, Војчо Димитровски (фудбал), Драган Геровски (кошарка), Тихомир Михајлов (кошарка), Мите Панов, Славко Матовски (атлетика), Илија Ќовкаров (кошарка), Стефан Тодоровски-Цефи (кошарка, играч и тренер), Веле Стефановски, Војче Синадиновски (одбојка, тренер), Бранко Тодоров-Рибар, Драган Сотиров, Велко Трпчевски, Илија Игњатоски (фудбалер и тренер) и Александар Попов. Интересно е дека повремено меѓу стативите се појавувал и фудбалскиот голман на Вардар и репрезентативец на Југославија, Благоја Видиниќ.