Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ја забележаа и втората победа на подготовките во Србија, овој пат на дуелот со Динамо Панчево, со 51-46, пак во меч од три дела со по 30 минути, за вчера беше закажан контролниот натпревар со Србија, по што по новогодишните празници ќе се тренира во Скопје, од 7 јануари во Вараждин, а до мечевите во групата Д со Унгарија, Холандија и со Гвинеја е предвидена и тест-средба со Хрватска
РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА СП 2025
Подготовките на машката ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, продолжуваат во пресрет на Светското првенство (СП) во јануари в година во Хрватска, Данска и во Норвешка, а црвено-жолтите забележаа победа и на вториот тест на подготовките во Србија. По победата над српскиот суперлигаш Нови Београд со 88-45 (меч од три дела по 30 минути), Македонија го совладаа и Динамо Панчево со 51-46, во натпревар исто така игран деведесет минути. Српскиот суперлигаш, кој моментално се наоѓа на третата позиција во тамошното првенство, според крајниот резултат им дал силен отпор на македонските играчи.
Репрезентацијата на Македонија од подготовките во Стара Пазова си заминува денеска, а вчера остана да го одигра уште третиот и последен контролен дуел во овој период со селекцијата на Србија. Подготовките потоа ќе продолжат по новогодишните празници, во Скопје, до 7 јануари и заминувањето за Вараждин (Хрватска), каде што ќе ги имаат завршните подготовки со уште еден пријателски дуел, со репрезентацијата на Хрватска. Македонија токму во Вараждин ќе ги игра и дуелите во групата Д на СП 2025, со Унгарија, Холандија и со Гвинеја. За Mакедонија тоа ќе биде деветти настап на светските првенства, седми во низа.
Еден од трите противници на Македонија на СП в година, африканската репрезентација Гвинеја, ќе настапи со нов селектор, кој неодамна беше именуван на местото на Брахим Лага. Станува збор за Кевин Деко, кој досега ја предводеше женската селекција на Тунис, а претходно водел и неколку клуба од Франција. Деко го објави скратениот список од 25 ракометари за подготовките за СП 2025. Освен во Гвинеја, предвидено е тие да тренираат и во Црна Гора. Прво име во репрезентацијата е голманот Пјер Рубен, кој ги брани боите на францускиот клуб Трембле. Рубен беше избран во олстар-составот на Првенството на Африка. Опасност по голот на Македонија ќе претставуваат капитенот Омар Бараџи, кој настапува во домашното првенство, средниот бек Аџири Ивен Корше од француски Анже и десното крило Тео Лебон, кој ги брани боите на францускиот второлигаш Сеинтс… Г.И.