Фото: „Нова Македонија“

РФМ

Ракометниот карван ќе почне во Охрид на 20 септември, ќе учествуваат Миркуловски, Кастратовиќ, Георгиевска итн., а ќе присуствуваат и дечиња на училишна возраст од Охрид, Струга, Ресен и од околните места, кои ќе се запознаат со ракометот како спорт и со нашите ракометни легенди, рече, меѓу другото, претседателот на РФМ, Стефанов

Охрид од денеска до недела ќе биде центар на македонскиот ракомет, оти покрај меѓународниот турнир „Трофеј Македонија“ за жени, ќе почне Ракометниот карван на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), додека машката репрезентација на Македонија пред почетокот на Европското првенство (ЕП) во ракомет ќе има пријателски двомеч со селекцијата на Јапонија во Скопје на крајот на октомври и на почетокот на ноември. Ова беше потенцирано на вчерашната прес-конференција на РФМ, на која присуствуваа претседателот на РФМ, Александар Стефанов, генералниот секретар Влатко Тасевски и координаторот на машките селекции, Филип Миркуловски.
– Турнирот во Охрид ќе се одржи по повеќе од една деценија, а ќе ни гостуваат Египет, Тунис и Грција. Ова е добар настан, кој многу ќе придонесе за она што сакаме да го изградиме во женскиот ракомет и ќе биде добра подготовка за репрезентацијата, која во октомври ги почнува квалификациите за Европското првенство. На 16 октомври ќе играме со Германија во Гумерсбах, а три дена подоцна во Битола ја пречекуваме Словенија – рече Стефанов.

Претседателот на РФМ се осврна и на иницијативата за почеток на Ракометниот карван.
– Сакам да го најавам почетокот на Ракометниот карван, кој ќе почне во Охрид на 20 септември, во салата „Билјанини извори“, а на кој ќе учествуваат Филип Миркуловски, Индира Кастратовиќ, Елена Георгиевска итн. и ќе присуствуваат дечиња на училишна возраст од Охрид, Струга, Ресен и од околните места, кои ќе се запознаат со ракометот како спорт и со нашите ракометни легенди. Се надевам дека тоа ќе придонесе за масовност во машкиот и во женскиот дел. Почнуваме во Охрид, но продолжуваме на 18 и на 19 октомври во Битола и во Прилеп со околните градови. Во иднина ќе почнеме со мини-ракомет, подготовките за тоа се во тек – рече, меѓу другото, Стефанов.
За оваа иницијатива говореше и Миркуловски.
– Ракометниот карван е одлична идеја за да се промовира овој спорт во Македонија. Ова е спорт број еден кај нас, но мислам дека повеќе дечиња има во фудбалот и во кошарката. Наша цел е да ги поттикнеме младите уште од најрана возраст да почнат да тренираат ракомет. Ќе се обидеме да ги опфатиме сите градови во земјава – рече Миркуловски.

Сличен став изнесе и генералниот секретар Тасевски.
– Со овој карван сакаме да направиме датабаза и да видиме дали имаме дечиња што треба да бидат иднината на ракометот. Сакаме да посетиме што повеќе градови, барем еден до два месечно и за тоа ни е потребна поддршка – изјави, меѓу другото, Тасевски.
Машката сениорска репрезентација на Македонија во пресрет на Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во Шведска и во Данска во 2026 година (сместена е во групата Б, со Данска, Португалија и со Романија), ќе одигра и две тест-средби со Јапонија во Скопје, на крајот на октомври и во почетокот на ноември. До крајот на годината имаме уште неколку значајни турнири и квалификациски натпревари.
– Машката селекција до 18 години во Луксембург ќе игра квалификациски турнир со домаќинот Грција и со Финска за пласман на ЕП 2026 во Белград. Целите се јасни, одиме на пласман на турнирот. Селекцијата ја формиравме во мај, играше на ЕМОФ и на турнирот „Марко Божиновски“, па сметаме дека има многу квалитет во неа – информира Стефанов. Г.И.