Хрватска и Франција во последните секунди остварија победи во дуелите за пласман меѓу четирите најдобри селекции на СП 2025 и вечерва ќе играат меѓу себе во Загреб за пласман во финалето. Победниците на синоќешните четврт-финалиња, Данска – Бразил и Португалија – Германија, утре ќе се сретнат во Баерум (Норвешка), во второто полуфинале
РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ
Репрезентациите на Хрватска и на Франција се првите селекции што обезбедија пласман во полуфиналето на Светското првенство (СП) во ракомет што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка. До посакуваната цел стигнаа откако ги победија Унгарија, односно Египет, а синоќа во намерата да им се придружат во Норвешка играа светскиот првак Данска и Бразил, односно пријатното изненадување Португалија и олимпискиот вицешампион Германија.
Ракометот се игра 60 минути, но на Марин Шипиќ му требаше само една секунда брилијантност за да ја внесе хрватската репрезентација, која е една од кодомаќините на СП 2025, меѓу најдобрите четири селекции на годинашново Светско првенство. Неговиот удар во последна секунда ја запечати победата на домашната селекција (31-30) пред 15.600 бучни гледачи во „Арената Загреб“. Тоа ги оневозможи Унгарците да го остварат нивниот најдобар пласман на СП од 1997 година, кога беа четврти.
Резултатот за Хрватска е, всушност, нејзин најдобар пласман од 2017 година, кога беше четврта. За играч на натпреварот беше прогласен Хрватот Звонимир Срна. Хрватска на чело со селекторот Дагур Сигурдсон влезе во овој судир со голем број проблеми, пред сѐ поради повредени играчи (Мандиќ и Лука Циндриќ)…
И второто четврт-финале во Загреб беше многу возбудливо како и првото. А таму, пикерот Лука Карабатиќ ја однесе Франција во уште едно полуфинале на светските шампионати, со гол постигнат три десетинки пред истекот на времето на дуелот со Египет (34-33) и сега во нивната четвртфинална средба на СП ќе игра со Хрватска.
Со оваа победа, Франција (која со шест злата е најуспешна на планетарните првенства во ракомет) го забележа својот шести пласман во низа меѓу најдобрите четири репрезентации на мундијалите (освои злато во 2015 и во 2017 година, сребро во 2023-та, бронза во 2019-та, четврто место во 2021 година), продолжувајќи ја својата извонредна серија во 20 век, пропуштајќи да не биде меѓу најдобрите четири репрезентации само еднаш (во 2013 година, шесто место).
За репрезентацијата на Египет ова беше четврти пласман во низа меѓу првите осум селекции на СП (во 2019 година осмо место, во 2021 и во 2023 седмо), а нејзиниот највисок пласман е во 2001 година, кога беше на четвртото место. Возбудувањето на овој натпревар кулминира кога Недим Ремили постигна гол за 33-32, на 30 секунди пред крајот на средбата, а Јахиа Омар израмни на четири секунди пред крајот на мечот. Францускиот голман Дезбоне потоа ја фрли топката до Карабатиќ, кој од средината на теренот со силен удар постигна погодок пред истекот на времето. Признанието за играч на натпреварот му припадна на Сеиф Елдера од Египет.
Првото полуфинале, кое ќе се игра во Загреб, денеска (од 21 часот), всушност е реприза на финалето, исто така, во „Арена Загреб“, Франција – Хрватска од СП 2009, во кое Франција победи со 24-19. Во второто полуфинале на годинашниот мундијал, пак, утре (20.30 ч.) во Баерум (Норвешка), ќе играат победниците од вчерашните четврт-финалиња, Данска – Бразил и Португалија – Германија. Г.И.
СП 2025, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Хрватска – Унгарија 31-30
2. Франција – Египет 34-33
3. Данска – Бразил синоќа
4. Португалија – Германија синоќа
ПОЛУФИНАЛЕ
Хрватска – Франција 20.30 ч.
Победник 3 – Победник 4 утре, 20.30 ч.
натпреварите за медали се в недела
Претседателскиот куп за Полска
Репрезентацијата на Полска триумфира на Претседателскиот куп на Светското првенство (СП) во ракомет што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, откако ја победи селекцијата на САД по изведувањето седмерци. САД водеа (13-11) по првиот дел.
Полјаците ја остварија четвртата победа на годинашното Светско првенство и со тоа го освоија 25-то место од вкупно 32 селекции. Кувајт е 27., Јапонија 28., Бахреин 29., Алжир 30., Гвинеја 31. и Куба е на 32. место. Дебитантот на светските првенства, селекцијата на Гвинеја, славеше во својот последен натпревар на СП 2025, со Куба, со 33-31, што е и прва победа за Гвинеја на мундијалите. Г.И.