Фото: РФМ

РАКОМЕТ

  • Квалификациите се од ноември годинава до мај в година. На ЕП 2028 ќе играат победниците и второпласираните во осумте групи, како
    и четирите најдобри третопласирани селекции. Македонија ќе игра за 10-то учество на ЕП, а деветто во низа

Шведска, Луксембург и Грција се селекциите што ѝ стојат на патот на машката ракометната репрезентација на Македонија во осмата група во квалификациите за 18. Европско првенство (ЕП) во 2028 година во Португалија, Шпанија и во Швајцарија. Тоа е епилогот од ждрепката влечена во Лисабон (Португалија). Квалификациите се од ноември годинава до мај в година. Македонија во 1. коло ќе игра дома со Луксембург, а потоа се средбите со Грција (на гости), Шведска (дома и на гости), Луксембург (на гости) и со Грција (дома).
Шведска секако е прв фаворит во групата. Таа на ЕП играла 16 пати и освоила најмногу златни медали, пет (во 1994, 1998, 2000, 2002 и во 2022 година), како и по едно сребро и бронза. Годинава на ЕП беше шеста. На светските првенства (СП) според бројот на медали е втора, со по четири злата (1964, 1958, 1990, 1999 година), сребра и бронзи. На СП 2025 беше на 14. место. Македонија и Шведска oдиграле еден меѓусебен меч на ЕП, во Србија во 2012 година (нерешено), како и еден на СП, во 2021 година во Египет (победи Шведска).
Грција еднаш досега играла на ЕП, и тоа во Германија во 2024 година, кога го освоила 23. место (порази од Португалија, Данска и Чешка). Против Грција Македонија играла осум пати и забележала шест победи и два пораза. Во квалификациите за СП 2001 славела и дома и на гости, 21-19 и 26-21, во циклусот за СП 2003 победа дома со 24-19 и пораз на гости со 24-25, во баражот за СП 2015 победа на гости со 27-25 и дома со 35-23, а во квалификациите за ЕП 2020 забележала пораз на гости со 26-28 и победа дома со 27-23.
Луксембург досега не играл на европските првенства. На СП, пак, Грција настапила еднаш, во Тунис, во 2005 година, кога била шеста, а еднаш играл и Луксембург, во Германија, во 1958 година, и бил 16-ти. Македонија со Луксембург одиграла шест натпревари и забележала исто толку победи, во претквалификациите за ЕП 1998 со 28-24 и 36-25, во квалификациите за ЕП 2008 со 35-25 и со 33-26 и во квалификациите за ЕП 2024 со 38-24 и со 28-23.
Репрезентациите се поделени во осум групи, од кои победниците и второпласираните, како и четирите најдобри третопласирани селекции, ќе играат на ЕП 2028. На тој шампионат ќе учествуваат 24 репрезентации, а директен пласман обезбедија домаќините, како и актуелниот европски првак Данска. Македонија ќе игра за 10-то учество на ЕП, а деветто во низа. Г.И.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2028

Група 1: Хрватска, Холандија, Литванија, Финска
Група 2: Норвешка, Австрија, Грузијa, Турција
Група 3: Исланд, Србија, Украина, Eстонија
Група 4: Унгарија, Фарски О., Ц. Гора, Косово
Група 5: Словенија, Чешка, БиХ, Израел
Група 6: Франција, Полска, Романија, Летонија
Група 7: Германија, Италија, Белгија, Словачка
Група 8: Шведска, Македонија, Грција, Луксембург