ЕП 2026
- На машкото ЕП 2024 најбрзиот шут на целиот турнир го забележа српското десно крило Богдан Радивојевиќ со 129,46 км/ч
На Европското првенство (ЕП) во ракомет за мажи веќе завршија две кола од главната рунда во Хернинг (Данска) додека вчера се играше и третото коло и во Малме (Шведска), а бројките за брзина на ударите кон голот веќе ги менуваат неодамнешните стандарди на турнирот. Според податоците од „Кинексон“, пет играчи ја надминаа границата од 130 км/ч, но кој го има најбрзиот шут во досегашните 48 одиграни меча на ова ЕП, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Лидерската позиција за најбрз шут засега ја држи левиот германски бек Миро Шлуроф (25). Тој постигна неверојатни 134,1 км/ч против Србија во второто коло од групата А. Неговиот моќен шут беше виден во 29-та минута, лансиран од 9,94 метри, кој ја доведе Германија во водство од 16-13. Шлуроф речиси го потврди тој удар подоцна во групната фаза против Австрија со уште еден моќен шут од 130,14 км/ч. Португалецот Франциско Коста е најблиску зад Шлуроф, со шут од 132,26 км/ч против Романија, на првиот ден од групата Б. Шутот беше упатен во завршната фаза од мечот, кој заврши со 40-34. Третото место во пласманот за најбрзи шутеви му припаѓа на Јонаш Јозеф од Чешка. Неговиот ракетен шут од 131,65 км/ч од 10 метри беше виден во победата со 38-29 над Украина, помагајќи ѝ на својата селекција да поведе со 13-11. Иако Чешка беше трета во групата Ц и го заврши својот пат на ЕП, силниот шут на Јозеф остави трага.
Веднаш зад првите тројца се Црногорецот Бранко Вујовиќ (131,33 км/ч) и Германецот Јури Кнор (131,22 км/ч), што значи дека пет шута веќе ја надминаа границата од 130 км/ч на половина од главната рунда. Вообичаениот тренд играчите од задната линија да доминираат во рангирањето на најбрзите шутеви продолжува и на ова ЕП. Меѓу деветте најбрзи шута регистрирани досега, пет се изведени од леви бекови, два од централни и два од десни бекови, што укажува дека моќните удари остануваат клучна предност на сите позиции од задната линија. Првиот играч што не е од задната линија на оваа листа е француското десно крило Беноа Кунку, чиј најбрз шут изнесуваше 129,02 км/ч.
Она што ги прави овие бројки уште поинтересни е колку јасно го надминуваат претходното ЕП, а остануваат уште шест дена за преостанатите дуели за играчите да го соборат тековниот рекорд на ова ЕП. На машкото ЕП 2024, најбрзиот шут на целиот турнир го забележа српското десно крило Богдан Радивојевиќ (129,46 км/ч), веднаш пред полскиот централен бек Михал Олејничак (129,42 км/ч), а трет заврши исландскиот десен бек Виго Кристјансон (128,23 км/ч). Ниту еден од тие силни шутеви нема да биде меѓу осумте најдобри во 2026 година, пишува ЕХФ.
На ЕП во втората фаза (група два), која се игра во Малме, четири селекции имаат по четири бода. Совршениот рекорд на Шведска на ова ЕП беше срушен во второто коло од оваа фаза, по одличната игра во вториот дел на Исланд. Словенија и Хрватска исто така победија, оставајќи четири репрезентации израмнети со по четири бода во групата. Така, Словенија ја победи Унгарија (35-32), Исланд ѝ го нанесе првиот пораз на Шведска (35-27), а Хрватска ја победи Швајцарија (28-24). Г.И.
































