Фото: ЕПА

ЕХФ ОТВОРА НОВА ЕРА ВО ЕВРОПСКИОТ КЛУПСКИ РАКОМЕТ

  • Новата ЛШ ќе се прошири на 24 екипи (сега играат 16), едно фиксно место за следната сезона ќе имаат Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка, а тие имаат и право да побараат до две промоции на клубови од ЕЛ во ЛШ. Од примените барања за промоција ќе бидат примени најмногу осум клуба, а најмногу четири места се за федерациите без фиксно место во ЛШ, велат од ЕХФ. Другите места се предмет на одлука на ЕХФ

Извршниот комитет (ИК) на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својот состанок во Ротердам, Холандија, го отвори патот за нова ера на европскиот клупски ракомет. Помалку од два месеца откако беше објавено дека Лигата на шампионите (ЛШ) ќе се прошири на 24 екипи (сега играат 16) и дека ќе се воспостави нов формат за ЛШ и за Европската лига (ЕЛ) од сезоната 2026/2027, ИК на ЕХФ го потврди системот за распределба на места за двете натпреварувања.
Основата за распределбата е рангирањето на федерациите за клупските натпреварувања, кое за сезоната 2026/2027 вклучува резултати од сезоните 2022/2023, 2023/2024 и 2024/2025. Федерациите рангирани од првото до 10 место имаат едно фиксно место во натпреварувањето, а за следната сезона тоа се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка. На оваа ранг-листа, Македонија е на 12. позиција со пад за едно место во споредба со минатото рангирање, па македонскиот шампион ќе мора да бара вајлд-карта за настап во ЛШ.
Секоја од овие 10 најдобри федерации има право да побара до две дополнителни промоции на клубови од ЕЛ во ЛШ. Од примените барања ќе бидат примени најмногу осум клуба. Отворени се најмногу четири места за барања за промоција од федерациите без фиксно место во ЛШ, велат од ЕХФ.
Другите места се предмет на одлука на ЕХФ. Можностите вклучуваат доделување место на победниците на ЛШ и/или на ЕЛ. ЕХФ, исто така, го задржува правото да додели вајлд-карти за учество, вклучително и на неевропски тимови. Бројот на клубови по федерации е ограничен на најмногу три. За сите места задолжително ќе мора да се исполнуваат минималните критериуми. Вкупно 24-те екипи ќе бидат поделени во шест групи. Дванаесет екипи ќе се пласираат за главната рунда во која ќе има две групи, по што ќе следуваат четврт-финалето и фајналфор-турнирот.
– Нивото на квалитет меѓу европските ракометни клубови е толку високо што Лигата на шампионите ќе биде неверојатно конкурентна, зголемувајќи ја нејзината привлечност за гледачите, медиумите и за партнерите и позиционирајќи производ на пазарот што ќе биде уште посилен отколку што е веќе сега – рече претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, пренесе ЕХФ.
Новата Европска лига ќе има 32 екипи, извлечени во осум групи, и затоа нема да се играат квалификациски дуели пред групната фаза. Според рангирањето за распределба на места, 36 екипи имаат место во ЕЛ. Сепак, со 12 екипи што се промовирани во Лигата на шампионите, има осум места достапни за распределба. Пет од нив се промоции, односно дополнителни клубови од федерации што добија дополнително место во ЛШ. Приоритет ќе им се даде на оние федерации што поради промоција на нивен клуб во ЛШ повеќе не се претставени во ЕЛ. Две промоции се отворени за клубови од федерации што немаат фиксно место ниту во ЛШ, ниту во ЕЛ. За последното место, ЕХФ го задржува правото да одлучи преку вајлд-карта. Како дел од предлогот, ИО на ЕХФ, исто така, потврди дека реформата на системите за играње за клупските натпреварувања за ракометарки ќе биде разгледана напролет, а имплементацијата ќе почне од сезоната 2027/2028. Г.И.