Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија седми пат ќе настапи на европските првенства, а годинава ќе игра во групата А со Шведска, Турција и со Унгарија. Во составот се 14 интернационалки од девет држави и 21 ракометарка од седум домашни клуба

Селекторот на женската ракометна репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави поширокиот список со 35 ракометарки, во пресрет на Европското првенство (ЕП) од 28 ноември до 15 декември во Австрија, Унгарија и во Швајцарија. Вкупно 14 репрезентативки се интернационалки, од девет држави, и тоа од Романија (пет), Франција (две), Унгарија, Италија, Чешка, Полска, Хрватска, Србија и од Германија (по една). Од домашното првенство најмногу репрезентативки доаѓаат од Металург (седум), потоа од Ѓорче Петров (пет), Чаир (четири), Вардар (две), Деспина, Астибо и од Куманово (по една).
Македонија годинава седми пат ќе настапи на европските првенства (пред две години беше 16-та), а сега е во групата А. Првиот меч црвено-жолтите ќе го играат со Шведска, на 28 ноември (од 20.30 часот), потоа е дуелот со Турција, на 30 ноември (20.30 ч.), а третиот натпревар е со Унгарија, на 2 декември (18 ч.), сите во унгарскиот град Дебрецин. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза. Титулата ја брани репрезентацијата на Норвешка.
Состав: Јована Мицевска, Јована Саздовска, Ивана Гакидова (сите од Слатина, Романија), Сара Ристовска (Рапид Букурешт, Романија), Ивана Арсениевска (Униреа, Романија), Драгана Петковска (Салерно, Италија), Ивана Џатевска (Варда, Унгарија), Симона Маџовска (Цвикау, Германија), Ангела Јанкуловска (Славија Прага, Чешка), Ива Младеновска (Брест, Франција), Јована Кипријановска (Самбре, Франција), Андреа Седлоска (Локомотива, Хрватска), Елена Ѓорѓиевска (Калиж, Полска), Сара Стефановска (Јагодина, Србија), Анастасија Трпеска, Александра Коловска, Борјана Коцева, Марија Јанкуловска, Марија Гугуљанова, Сара Миновска, Михаела Кралева (сите од Металург), Ана Марија Коларовска, Емилијана Ризоска, Јана Калајџиоска, Катерина Дамјановска, Милица Николиќ (сите од Ѓорче Петров), Андреа Илиќ, Леона Миленкоска (Вардар), Бојана Диневска, Хана Мифтари, Теодора Дуковска, Теодора Гулицоска (сите од Чаир), Матеа Чурлиновска (Деспина), Марија Анчева (Астибо), Нена Несторовска (Куманово). Г.И.