КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРКИ
- Македонија идната недела двапати ќе игра со Белгија. Пласман на ЕП 2026 ќе обезбедат двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните
Селекторот на женската репрезентацијата на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави скратениот состав со ракометарки на кои смета за претстојните два натпревара со Белгија во квалификациите за пласман на 17. Европско првенство (ЕП) годинава, во Полска, Чешка, Романија, Словачка и во Турција. Во повиканиот состав има девет интернационалки и 11 ракометарки од домашното првенство, најмногу (седум) се од ЖРК Ѓорче Петров. Поради повреда нема да игра крилото Сара Ристовска. Собирот на репрезентативките е закажан за в недела, првиот натпревар е на 4 март на гостински терен, а реваншот е три дена подоцна во Куманово.
Македонија игра за осми пат да настапи на ЕП, третпат во низа, а за ривали, покрај Белгија, ги има и фаворизираната Германија, која била учесничка на сите досегашни 16 континентални првенства, и Словенија. Во првото коло, Македонија во Гумерзбах беше поразена од Германија со 18-34, а во второто коло во Битола загуби од Словенија со 20-28. Пласман на ЕП 2026 ќе обезбедат двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните.
Состав: Андреа Илиќ, Матеа Чурлиноска, Драгана Петковска, Ивана Џатевска, Ангела Јанкуловска, Ивана Арсениевска, Марија Јанкуловска, Ива Младеновска, Ана Марија Коларовска, Марија Гугулјанова, Бојана Коцева, Теодора Дукоска, Катерина Дамјаноска, Леона Миленкоска, Јована Кипријановска, Андреа Седлоска, Борјана Коцева, Емилијана Ристоска, Ивана Гакидова, Таида Беровиќ. Г.И.
ГРУПА 3
Белгија – Македонија среда
Словенија – Германија среда
ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 74-39 4
Словенија 2 2 0 0 57-42 4
Македонија 2 0 0 2 38-62 0
Белгија 2 0 0 2 43-69 0

































