РАКОМЕТ

Неколку ракометари со голем потенцијал и за клубот и за сениорската репрезентација доаѓаат следната сезона во клубот и заедно почнуваме нова мисија што ќе биде исполнета со предизвици, на клупско и на репрезентативно ниво, на домашната и на меѓународната сезона, велат од клубот што годинава триумфира во Европскиот куп

Алкалоид останува на својата определба и во следната сезона да биде клуб составен во најголем дел од македонски ракометари, кои ќе добијат врвни услови за тренинг, ќе работат според професионална програма и ќе имаат простор за напредок преку настапите на домашната и на европската сцена. Неколку ракометари со голем потенцијал и за клубот и за сениорската репрезентација доаѓаат следната сезона во клубот и заедно почнуваме нова мисија што ќе биде исполнета со предизвици, на клупско и репрезентативно ниво, на домашната и на меѓународната сезона, велат од клубот што годинава триумфира во Европскиот куп.

Ненад Костески (24), роден стружанец, репрезентативно десно крило, му се приклучува на Алкалоид за следната сезона. Добро се познава со новите соиграчи преку репрезентативните настапи, а следната сезона ќе има шанса да игра и покрај својот повозрасен брат, Никола, кој е во Алкалоид сезонава. Емилијан Ѓорговски (22), исто така, стружанец, голем македонски потенцијал на левата бековска позиција е нов ракометар. Тој и во Алкалоид ќе добие вистинска шанса да ги покаже свој талент и потенцијал. Беше дел од сите младински репрезентации, а повремено е член и на сениорскиот тим. Михаил Аларов, репрезентативниот пивот што игра одлично и во одбрана и во напад, ќе биде дел од составот на Алкалоид за следната сезона. Тој ги покажуваше својот потенцијал и квалитет низ настапите во македонското првенство и очекуваме многу брзо да се вклопи во системот на игра и сигурно ќе бидe важна алка во Алкалоид во сезоната што е пред нас, велат од клубот. По една сезона калење во Дубочица од Србија, во редовите на Алкалоид се враќа десниот бек Михаил Иваноски. Развојот на Иваноски во текот на сезоната беше постојано следен од стручниот тим на Алкалоид и сега одново ќе биде дел од Алкалоид.

Развојната програма на РК Алкалоид како продукт за првиот тим го нуди младиот голман Ѓорѓи Николовски, вонсериски талентиран, луциден, пожртвувано работеше во младинските категории на клубот и во екипата на Мулти Есенс и целосно ја заслужи шансата да дојде во првиот тим. Тој ќе го комплетира голманското трио во кое се и Марко Кизиќ и Иван Галевски. Уште еден млад играч во кој Алкалоид препознава вонсериски талент е Давид Трајкоски, ракометар од позицијата лево крило, кој доаѓа од РК Прилеп. Беше одличен во младинските категории, има искуство од играње во Суперлигата и ќе има шанса да ги покаже својот талент и квалитет и во редовите на Алкалоид. На позицијата лев бек за следната сезона во Алкалоид е ангажиран и Урош Борзаш, репрезентативец на Србија, бек-шутер со богато резиме, докажани квалитети и очекуваме брзо да се вклопи во нашиот тим, информираат од Алкалоид. Г.И.