Македонија ремизира со Турција во саботата, 25-25, а денеска ќе го игра третиот натпревар во групата А, со домаќинот Унгарија, од 18 часот, во Дебрецин. По дуелите од второто коло во саботата, во групите А, Ц и Е, пласман во втората групна фаза на ЕП 2024 обезбедија Унгарија, Франција (актуелен светски првак) и Норвешка (актуелен европски и олимписки шампион)
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ
Македонската репрезентација ремизира на дуелот во Дебрецин (Унгарија) со селекцијата на Турција, 25-25, во второто коло во групата А на Европското првенство (ЕП) за ракометарки, кое се игра во Австрија, Унгарија и во Швајцарија.
– Очекуваме дека натпреварот ќе биде тежок, навистина долго се подготвувавме за овој меч, но мислам дека е фер. Двете репрезентации се бореа до крајот на средбата. Имаме светла иднина, па да видиме како ќе биде за нас – изјави најдобрата ракометарка на натпреварот, Сара Ристовска, десното крило на македонската репрезентација, пренесе Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Репрезентацијата на Турција беше во предност до 45. минута од средбата, кога селекцијата на Македонија направи целосно враќање во натпреварот. Ристовска постигна шест гола од шест шута во првото полувреме, вкупно осум погодока на мечот, а Јована Мицевска забележа пет одбрани во второто полувреме на средбата и одигра клучна улога во враќањето на репрезентацијата во мечот, пишува ЕХФ.
– Тоа беше тежок натпревар. Во второто полувреме, во многу клучни моменти, промашивме чисти ситуации и немавме многу. Можеби некои чудни судиски одлуки донесоа нешто во врска со резултатот. Се вративме, водевме со два гола, потоа ја променивме зоната на одбраната и почнавме да играме многу, многу добро. Задоволни сме, се боревме и го заслуживме овој бод – рече Кристијан Грчевски, селекторот на македонската репрезентација, пренесе Европската ракометна федерација.
Македонија денеска (од 18 часот) го игра третиот натпревар во групата А, со домаќинот Унгарија, репрезентација што веќе го обезбеди пласманот во втората групна фаза, по победите во првите две средби. Во другиот натпревар од оваа група вечерва се среќаваат селекциите на Турција и на Шведска (од 20.30 часот).
По дуелите од второто коло во саботата, во групите А, Ц и Е, пласман во втората групна фаза на годинашното Европско првенство, прво на кое играат 24 репрезентации, покрај селекцијата на Унгарија, обезбедија и репрезентациите на актуелниот светски првак Франција (група Ц) и на актуелниот европски и олимписки шампион Норвешка (група Е). Н.М.
ГРУПА А
Македонија – Турција 25-25
Шведска – Унгарија 25-32
Македонија – Унгарија 18 часот
Турција – Шведска 20.30 часот
ТАБЕЛА
Унгарија 2 2 0 0 62-49 4
Шведска 2 1 0 1 53-50 2
Турција 2 0 1 1 49-55 1
Македонија 2 0 1 1 43-53 1