Фото: Игор Бансколиев

Македонија ја победи Романија во баражите за пласман на СП во 1998 и во 2019 година. Чешка е репрезентацијата со која Македонија играше во квалификациите за ЕП во 2016 и 2018, како и во баражот за СП 2017, а двете селекции беа ривали и на ЕП во 1998, 2012, 2014, 2018 и во 2020 година

РАКОМЕТ

Репрезентациите на Романија и на Чешка ќе ѝ бидат ривали на Македонија во бараж-дуелите за пласман на СП 2023 година, кое ќе се одржи во Полска и во Шведска. Тоа е епилогот на ждрепката што беше влечена во Будимпешта. Македонија во првиот бараж-дуел ќе игра против Романија. Првиот меч е во Скопје, на 16 март, а реваншот на гости на 19 март. Ако избраниците на Кирил Лазаров ја елиминираат Романија, следна и последна пречка во квалификациите за СП 2023 ќе биде стариот познаник Чешка. Првиот натпревар Македонија ќе го игра помеѓу 11 април и 17 април. Првиот на гости, а вториот во Скопје. Македонската репрезентација на големата ракометна сцена игра во континуитет од 2012 година, од настапот на ЕП во Србија, каде што го постигна и најголемиот успех со петтото место.
– Квалитетни репрезентации без назнака на големи фаворити. Имајќи предвид дека Романија ја предводи шпанскиот селектор Чави Пасквал и дека реваншот го играме во Романија, првата пречка е потешка од вториот бараж-дуел против Чешка. Сигурно дека имаме шанса, со добри подготовки можеме да ја искористиме оваа можност и да се квалификуваме на СП 2023 – вели Магдинчев.
Романците мораа да го поминат претквалификацискиот турнир за да стигнат до првиот бараж, а таму ги совладаа Израел и Молдавија. Македонија ја победи Романија во баражот за пласман на СП 2019, откако во Скопје беше 32-24 за Македонија, а во Клуж, Романците славеа со 26-25. Дуели имаше и рамките на квалификациите за СП 1998, а се одиграа една година порано, Македонија победи во Скопје со 32-22, а загуби во Орадеа со 25-32. Чешка е репрезентацијата со која Македонија играше во квалификациите за ЕП 2018, ЕП 2016, како и бараж за СП 2017, а беа ривали и на завршницата на ЕП во 1998, 2012, 2014, 2018 и во 2020 година. За паметење е победата на Македонија во 2016 година, кога во Скопје славеше со 34-27 и со тоа ја надомести негативата од шест гола на гости (22-28), со што се пласира на СП 2017.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

ПРВ БАРАЖ
Македонија – Романија
Украина – Финска
Италија – Словенија
Португалија – Швајцарија
Австрија – Естонија
Грција – БиХ
Словачка – Белгија
Израел – Литванија
Фарски Острови – Белорусија
мечевите се на 16 и 19 март

ВТОР БАРАЖ
Украина/Финска – Хрватска
Италија/Словенија – Србија
Порт./Швај.- Холандија
Австрија/Естонија – Исланд
Грција/БиХ – Црна Гора
Македонија/Романија – Чешка
Словачка/Белгија – Русија

мечевите се на 11 и 17 април