Фото: РФМ

РАКОМЕТ

  • На седницата на УО на РФМ беа разгледани повеќе теми поврзани со организацијата и координацијата на претстојните натпреварувачки обврски, програмите за развој и промоција на ракометот, како и активностите што следуваат во наредниот период

Управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја одржа и втората седница, на која членовите на УО дискутираа за актуелни прашања, како и за планот на идните активности на федерацијата. На седницата беа разгледани повеќе теми поврзани со организацијата и координацијата на претстојните натпреварувачки обврски, програмите за развој и промоција на ракометот, како и активностите што следуваат во наредниот период. Во рамките на дискусијата беа изнесени предлози и насоки за унапредување на работата на федерацијата, со фокус насочен кон подобра организација, поддршка на клубовите и континуитет во развојот на репрезентативните селекции.
– Ракометната федерација на Македонија продолжува со посветена работа на реализација на планираните активности, со цел унапредување и развој на ракометот во државата – велат од РФМ.
А, еден од најзначајните настани што следуваат, секако, се подготовката и настапот на машката сениорска репрезентација на Македонија на Европското првенство (ЕП) идната година. Подготовките ќе започнат за 10 дена (22 декември), за кога е закажан првиот репрезентативен собир. Избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров потоа заминуваат за Пореч (Хрватска), каде што ќе тренираат заедно со хрватската селекција, а планирано е да се одигра и еден контролен дуел на крајот од подготовките. Од 8 до 10 јануари 2016 година црвено-жолтите ќе настапат на турнирот „Жолт куп“ во Винтертур (Швајцарија), каде што ќе одиграат три меча, со домаќинот, Бахреин и со Украина.
Како што е познато, Македонија на ЕП во 2026 година, кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и во Шведска од 15 јануари до 1 февруари, е во група со домаќинот Данска, со кој ќе го игра и првиот натпревар (16 јануари), со Романија и со Португалија. Г.И.