По двата пријателски меча со Црна Гора (победа и пораз), репрезентацијата на Македонија во ревијален меч ја совлада селекцијата на поранешни репрезентативци со 25-21, а од утре ќе игра на турнирот „Кроација куп“, со Хрватска и со Израел, пред настапот од идната недела на СП 2023. „Нашите очекувања секогаш се високи. Нѐ очекува тешка група во Краков, но ние сме подготвени и нема да останеме на тoa да имаме само континуитет на настапи, туку сакаме да одиме во втората фаза“, вели бекот Филип Кузмановски
Машката ракометна репрезентација на Македонија во рамките на подготовките за претстојното, 28. Светско првенство (СП) од идната недела во Полска и во Шведска, по двата пријателски меча во Маврово со Црна Гора (победа и пораз), го имаше и третиот, но ревијален меч, наречен „Сите ѕвезди“, против селекцијата на поранешни ракометни репрезентативци. Мечот беше од хуманитарен карактер (сите приходи од настанот ќе му бидат донирани на „СОС детско село“), се одигра во полната сала на СЦ „Борис Трајковски“, а го добија актуелните репрезентативци со 25-21.
Следува турнирот „Кроација куп“ во хрватскиот град Пореч, на кој црвено-жолтите утре (20.15 часот) ќе играат со домаќинот Хрватска, а в сабота и со селекцијата на Израел, кои наедно ќе претставуваат и последни тест-средби на кои ќе се темпира формата за настапот на СП 2023.
– Нашите очекувања секогаш се високи. Нѐ очекува тешка група во Краков, но ние сме подготвени и нема да останеме на тoa да имаме само континуитет на настапи, туку сакаме да одиме во втората фаза. Ќе одиме чекор по чекор. Ние сме млада репрезентација, која ветува многу во иднина, со три-четири искусни играчи. Сега ни претстојат подготовки, два контролни меча со Хрватска и со Израел, каде што ќе се подготвиме максимално. Важно е да ги следиме насоките и задачите зададени од селекторот – вели бекот Филип Кузмановски.
Пред почетокот на мечот „Сите ѕвезди“, раководството на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на 22 ракометари им додели врамени дресови и признанија, и тоа на Митко Стоилов, Стојанче Стоилов, Горан Кузманоски, Бранко Ангеловски, Стевче Алушовски, Влатко Митков, Ацо Јоновски, Филип Миркуловски, Велко Маркоски, Златко Мојсоски, Борко Ристовски, Александар Јовиќ, Наумче Мојсовски, Ванчо Димовски, Петар Ангелов, Филип Лазаров, Златко Даскалоски, Гоце Макалоски, Горан Ѓоргоноски, Раде Стојановиќ, Кирил Лазаров и на Владо Недановски. Селекторот Кирил Лазаров на овој меч настапи и како играч за ветераните, кои беа предводени од поранешните селектори Илија Темелковски и Звонко Шундовски.
Македонија на 13 јануари го почнува својот осми настап на СП, со мечот со Норвешка, на 15-ти е дуелот со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина, сите три во полскиот град Краков. Првопласираните три селекции ќе играат во втората групна фаза. Г.И.