Вкупно, Норвешка сега има 10 златни медали на европските првенства, четири на светските шампионати и три на Летните олимписки игри
ПО ОСВОЕНОТО ПРВО МЕСТО НА ЕП 2024 ЗА РАКОМЕТАРКИ
Норвешка ја освои својата рекордна 10-та европска титула за да му каже „златно“ збогум на селекторот Торир Хергеирсон по победата во финалето на дуелот со Данска, а Унгарија, пак, стави крај на долгата суша без медали откако го победи светскиот шампион Франција во мечот за бронзата на Европското првенство (ЕП) за ракометарки, кое се одржа во Унгарија, Швајцарија и во Австрија, првпат со учество на 24 репрезентации.
Репрезентацијата на Норвешка во големото репризно финале од пред две години, но сега во Виена, со убедлива игра ја совлада силната Данска со 31-23 и го освои златниот медал третпат во низа. Норвешка и Данска досега се сретнаа во вкупно шест европски финалиња, а резултатот е 4-2 за Норвежанките. Претходен пат играа на ЕП пред две години, а славеа Норвежанките со два гола разлика. ЕП 2024 го обележа и последниот турнир на Хергеирсон како селектор на Норвешка, откако го презеде кормилото во 2009 година, а се збогува со 11 трофеи и шест други медали во сите натпреварувања. Хени Рајстад, најкорисната ракометарка (МВП) на ЕП 2024 и централен бек на олстар-тимот, беше прогласена за најдобра ракометарка на финалниот меч (забележа осум гола и девет асистенции).
– Многу сум горд на тимот. Тоа беше фантастично патување. Имавме многу нови играчи годинава на ЕП, некои постари и добар микс. За мене е голем успех што ја освоив титулата со овој нов тим. Ќе ми недостига секоја од нив, веќе од утре – рече Хергеирсон, пренесе Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Најблиску до Норвешка по бројот на медали (10 злата, три сребра и една бронза) е финалистот Данска, со седум медали (три злата и четири сребра). Но последната европска титула Данска ја освои во 2002, а оттогаш Норвешка е речиси целосно доминантна, пропуштајќи само три трофеи на 11 континентални првенства. Лидерка според бројот на индивидуални трофеи од ЕП е норвешката голманка Катрин Лунде (44), која ја освои својата седма титула.
За крилото Камила Херем и тренерот Хергеирсон тоа беше шеста, за Солберг-Оштасел петта, а за Сана Солберг-Исаксен и за Стине Скогранд четврта. Вкупно, на трите големи турнири, вклучувајќи ги Светското првенство (четири први места) и Летните олимписки игри (три први места), ова беше вкупно 17-ти трофеј за Норвешка.
Унгарија, која беше кодомаќин на ова ЕП, со освоената бронза му стави крај на 12-годишното чекање медал, откако го совлада актуелниот светски шампион Франција со 25-24, со гол во последната минута на Викторија Ѓер-Лукач. Тоа беше прв медал за Унгарија во кое било натпреварување од 2012 година, прв за оваа генерација ракометарки, и таа е една од само петте земји (заедно со Црна Гора) што претходно победиле на ЕП (2000). Франција вторпат во низа е четврта на ЕП. Десниот унгарски бек Катрин Клујбер беше прогласена за играч на натпреварот откако постигна девет гола, а имаше и четири асистенции.
– Речиси е невозможно да се опише како се чувствувам во моментов. Ова е најдобриот божиќен подарок што сум го добила. Многу сум горда на нашиот тим. Работевме напорно, отидовме и се боревме од првата до последната секунда. Мислам дека клучот на успехот беше нашиот тимски дух – изјави Петра Вамос, средниот бек на Унгарија – пренесе ЕХФ.
На ова ЕП Македонија го освои 18-то место со два пораза и еден освоен бод во групната фаза во која се сретна со Турција, Унгарија и со Шведска.
Табела на ЕП 2024: 1. Норвешка, 2. Данска, 3. Унгарија, 4. Франција, 5. Шведска, 6. Холандија, 7. Германија, 8. Црна Гора, 9. Полска, 10. Словенија, 11. Романија, 12. Швајцарија, 13. Шпанија, 14. Австрија, 15. Чешка, 16. Исланд, 17. Ф. Острови, 18. Македонија, 19. Хрватска, 20. Турција, 21. Србија, 22. Португалија, 23. Украина, 24. Словачка. Г.И.