Фото: Маја Јаневска-Илиева

Црвено-жолтите викендов на турнирот во хрватскиот град Пореч треба да одиграат тест-средби со Србија и со Хрвaтска, а оттаму ќе заминат на ЕП, каде што во групата А ќе играат со Шведска, Турција и со Унгарија

ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА СЕДМИОТ НАСТАП НА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Македонската женска сениорска ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кристијан Грчевски, и официјално ги почна подготовките во пресрет на 16-то Европско првенство (ЕП), кое од 28 ноември до 15 декември ќе се одржи во Австрија, Унгарија и во Швајцарија. На списокот со 21 ракометарка има 13 интернационалки. Последни на подготовките требаше да се приклучат Сара Ристовска и Ива Младеновска.
Предвидено е црвено-жолтите уште денеска да тренираат во Скопје, а утре да заминат на турнирот во хрватскиот град Пореч, каде што викендов треба да одиграат тест-средби со селекциите на Србија и на домаќинот Хрвaтска, а оттаму да заминат за унгарскиот град Дебрецин, каде што ќе го чекаат почетокот на континенталното првенство.
Ова е прво европско првенство на кое ќе настапат 24 репрезентации (досега играа по 16). Титулата од ЕП во 2022 година, кое се играше во Македонија, Црна Гора и во Словенија, ќе ја брани Норвешка, која е и најтрофејна, со девет златни медали. На ЕП 2024 ќе настапат и другите досегашни европски прваци, Данска (три титули), Франција, Унгарија и Црна Гора (сите по една).
Македонија, која седми пат ќе игра на европските првенства, на ЕП 2024 е во групата А, првиот натпревар ќе го игра со селекцијата на Шведска, на 28 ноември (од 20.30 часот), потоа со репрезентацијата на Турција, на 30 ноември (20.30 ч.), а третиот дуел е со домаќинот Унгарија, на 2 декември (18 ч.).
Првопласираните две репрезентации од секоја од шесте групи продолжуваат во втората групна фаза. Селекциите од групата А во вториот дел на шампионатот ќе играат со репрезентации од групите Б и Ц, во кои се наоѓаат Црна Гора, Романија, Србија и Чешка, односно Франција, Шпанија, Полска и Португалија. Г.И.