ПРИМЕР ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПОДДРЖИ И ДА СЕ СЛЕДИ
- Новогодишниот Јуниор-куп во ракомет, со учество на 300 млади ракометари и ракометарки, 34 одиграни натпревари, многу голови и уште повеќе емоции, е само шлагот на тортата од проектот „Ракомет за секое дете“, како еден исклучително благороден, вреден, патриотски проект за придонесот кон генерациите што доаѓаат. Тоа е еден вистински бесценет зафат на поединци и на еден тим за тоа како треба да се сакаат спортот, победата, успехот, другарувањето, татковината, да се градат хуманоста и односот кон универзалните вредности, морал, етика, воспитување…
Проектот „Ракомет за секое дете“, со кој се прави вистинска (и не само спортска) мобилизација на најмладите во спортот и кој е исклучително општествено одговорен, и годинава се реализира успешно. Веселите насмевки, искрената радост, спортот и дружењето и на крајот поделените 330 новогодишни пакетчиња за децата од оваа ракометна школа, благодарение на партнерите и пријателите на овој проект, подарени од нивните професори во улога на тренери, само уште повеќе го разубавија значењето на овој проект, кој секако треба да го следат и многу други спортски ликови и клубови. А колку пак е поголема нивната подршка, толку ќе биде поголем успехот кон поставената цел. На крајот, сета таа магија на теренот беше комплетирана со најубавите песни, испеани од срце од децата за децата на „Златно славејче“. Мисијата по четврти пат е успешно исполнета.
Значењето е големо затоа што преку спортската мобилизација на најмладите во сите спортови, што е исклучително општествено одговорно, едноставно преку спортот се работи на воспитување, на образование, на јакнење на патриотизмот, на враќање на традициите и универзалните вредности на една нација. Новогодишниот Јуниор-куп во ракомет, со учество на 300 млади ракометари и ракометарки, 34 натпревари, многу голови и уште повеќе емоции, е само уште еден доказ како треба да се сакаат спортот, победата, другарувањето, татковината… Таа љубов уште отсега се вкоренува кај младите пулсирачки срца, за потоа сѐ повеќе да се воздигнува. А спортот, секако, е еден од најдобрите начини од каде што сето тоа може да започне. Секој натпревар, секоја победа сама по себе, пак, носи извонредна инспиративна приказна на теренот, со топката во раце, и верба во сопствените можности.
Извонредните напори на проектот „Спорт за секое дете“ и нејзиниот творец, поранешниот истакнат ракометен репрезентативец и ракометен аналитичар Горан Ѓоргоноски, секако се токму во таа насока. Спорот е таков, тој едноставно создава услови за обединување поделени светови и отуѓени луѓе, држава што сака обединетост во идеите за развој и просперитет… што како сврзно ткиво може да предизвика да го постигнат младите генерации во иднина, и тоа токму преку спортот.
Ваквите проекти се за безрезервна поддршка и поттикнување. Тие ги негуваат никулците на домашна култура што носи инспирација, радост и решителност во заедницата. Спортот со својата универзалност има моќ да ги зближува луѓето, да инспирира мир и да создаде заедничка цел. Тој е моќна алатка за отпорност и надеж, но и потсетник за единствената способност да ги спријателува луѓето од сите страни на светот. Со својата зачудувачка магија и длабоко привлечно раскажување успешни приказни, ова е совршено решение и за повозрасните да ги направи и тоа како горди.
Секое дете растејќи сонува еден ден да се натпреварува на зимски или летни олимписки игри, на европско или светско првенство, во кој било спорт.
А преку него всушност тоа дете ги побива негативните животни бариери и го отелотворувала олимпискиот дух, односно тој ги обединува луѓето да чекорат по мирен и сигурен животен пат инспириран и мотивиран од неговото значење. А токму сите тие 300 деца, млади ракометари и ракометарки, учесници во овој проект на Ѓоргоноски, еден ден би можеле да добијат шанса да бидат дел на големи и значајни натпреварувања, каде што со гордост ќе кажат од каде доаѓаат.
Овој спортски настап, преточен во Јуниор-куп, е моќна приказна што плени, воодушевува и нѐ прави горди сите. Всушност тоа е и срцето на овој спортски проект, кој може да ги обедини луѓето, како неизмерно да се сака својата татковина, да ја подигне следната генерација и да поттикне надеж таму каде што е најпотребно и најзначајно во современото и брзо секојдневие.
На крајот само може да посакаме проектот на Ѓоргоноски да продолжи и во иднина, вака и заедно. Се разбира за децата, за спортот, за Македонија. И да биде препознаен како пример што треба да се следи и во многу други општествени области. Г.И.































