Од ракометното минато (13)
- Во 1955 година, на сцена се појавуваат „графичарите“ и им стануваат опасен ривал на „железничарите“. Финалниот натпревар во првиот Куп на Македонија меѓу Работнички и Графичар се одигра на Градскиот стадион пред повеќе од 1.000 гледачи, а победник беше Работнички
Малиот ракомет со брзи чекори одеше напред, а големиот како да влезе во тунел во кој одвај се наѕираше светлината. Тоа беа убави мигови за спортот што ја освојуваше училишната младина, додека за големиот ракомет во средината од 50-тите години на минатиот век како да почна да се спушта завесата. Се чини оти инфраструктурата одигра главна улога во оваа ситуација, зашто за игра со рака на помал простор (малиот ракомет) насекаде можеа да се најдат слободни површини за да се постави игралиште, додека за големиот ракомет немаше таква можност зашто за него беше потребен фудбалски терен.
Во една таква ситуација, ракометниот спорт сѐ повеќе се играше на мал терен и со помал број играчи, седум, додека големиот остана со 11 ракометари и на фудбалско игралиште. Се чини оти токму таа инфраструктурна разлика на борилиштето за надигрување му даде голема предност на малиот ракомет. Повеќе не постоеше никаков сомнеж оти овој спорт ќе оди само напред. Дека е така најубаво се виде и кај нас во Македонија, кога почнаа да се формираат сѐ повеќе клубови во рамките на ДТВ Партизан, потоа во градските населби, па и во помалите населени места во кои и немаше фудбалски терени за да се игра големиот ракомет. Сега, за разлика од повоените години, ситуацијата значително се смени и играта со рака стана многу подостапна. Но кога се говори за историјата на ракометниот спорт не треба да се избришат и да се заборават тие минати години, зашто практично големиот ракомет беше предвесник на малиот, овој што и денес се игра и е многу актуелен и популарен. Големиот ракомет, како историски факт, останува запишан, но тој беше „жртва“ на новата поприфатлива и попрактична форма на игра со топка со рака.
Насекаде никнуваа ракометни секции и клубови
Откако малиот ракомет стапи на сцена, дојде до една вистинска негова експанзија. Почнаа да се формираат ракометни секции и клубови речиси насекаде. Кон клубовите што својот почеток го имаа во рамките на ДТВ Партизан почнаа да никнуваат нови клубови и во градските населби. Типичен пример за тоа беше Скопје. Овде младите најдоа катче за спортување во своите средини. Така, беа формирани клубови во Мичурин, Пролет, Ѓорче Петров, Кале, Автокоманда, а заживеаја и ракометните секции во училиштата. Некои новоформирани клубови имаа големи амбиции и тежнееја да го достигнат нивото на првоформираниот клуб Работнички. Најубав пример за ова е појавата на РК Графичар, кој уште од формирањето почна со големи амбиции и во своите редови собра многу квалитетни играчи од Скопје. За тоа дека „графичарите“ беа амбициозни и желни за постигнување врвни резултати говори и фактот што тие во овој период му станаа главната закана на најстариот клуб Работнички. Колку беа тие амбициозни покажаа и во настапите во првиот Куп на Македонија, во кој стигнаа во финалето и се судрија со фаворитот Работнички.
Овој прв Куп се одржа во 1955 година по иницијатива на ЦК на младината на Македонија. Во Комитетот составен од идните општествено-политички работници имаше многу момчиња, кои веќе беа вклучени во спортот, па и во ракометот. Тие почувствуваа оти за Купот на Македонија ќе има големо интересирање, па затоа беше одлучено финалниот натпревар да се одигра на фудбалскиот терен, пред јужната трибина на Градскиот стадион во Скопје. Оние што ја донесоа ваквата одлука заслужуваат честитки, зашто на тој начин се овозможи финалето помеѓу Работнички и Графичар да се одигра пред повеќе од 1.000 гледачи, што за еден млад спорт, кој штотуку се појави на сцената, беше убава бројка.
РК Работнички, за да ја покаже својата сила, на првиот Куп настапи со две екипи. Покрај онаа стандардната сениорска, на ракометниот терен истрча една млада надежна екипа составена од играчи на 16-17-годишна возраст. Самото ова најубаво зборува колку младите беа импресионирани од новиот спорт, кој можеа да го практикуваат и на часовите по фискултура, и тоа во училишниот двор.
Во првата фаза на првиот Куп на Македонија во мал ракомет првиот состав на Работнички ги победи екипите на Гарнизонот на ЈНА, Партизан од Струмица и Ветеринар од Скопје. Втората екипа, пак, составена од надежни младинци, ја победи Славија од Скопје, а загуби од Графичар, кој стана особено конкурентен по фузијата со Партизан 1. Графичар во првиот круг имаше победа и над Тиквеш од Кавадарци, па така стигна до финалето.
Пред финалниот натпревар на Градскиот стадион беа интересни коментарите, особено оние што беа насочени кон фактот дали Работнички конечно во Графичар добива голем и опасен ривал. Сепак, искуството го стори своето и „железничарите“ победија со 13-5 и го освоија првиот Куп во ракомет во Македонија. Има и два интересни момента што се врзани со ова финале, првиот е што во екипата на Графичар како засилување настапи познатиот вардаров фудбалер Часлав Божиновски, а вториот што предизвика, исто така, коментари беше појавата како судија на финалето на еден од најпознатите кошаркарски работници и тренери во тој период, Драгослав Лазиќ.
Прв старт и во Југокупот
По примерот на другите екипни спортови, кои имаа подолга традиција (фудбал, кошарка и одбојка) и во малиот ракомет се одржаа куп-натпревари на подрачјето на целата земја. Со оглед на тоа што клубовите не беа обврзани да бидат вклучени во натпреварувачкиот систем, овде масовноста беше многу голема. Така, им беше овозможено и на помалите екипи да ги измерат силите со најдобрите. Затоа, не случајно се вели оти куп-натпреварите се најмасовните натпреварувања во секој спорт, па во случајов и во ракометот. И од имињата на учесниците на првиот македонски куп може да се види оти тука има екипи што дотогаш воопшто не беа ни споменувани, а, сепак, имаа активности. Токму во тоа е привлечноста на куп-натпреварите во кои може да има учесници од поголемите градови, но и од помалите населени места (најчесто приградските населби) и селата.
За да се крене нивото на Купот на повисок степен, во тогашна Југославија, се организира и еден завршен турнир на кој учествуваа републичките освојувачи на Купот. Ова беше уште една можност да се зголеми конкуренцијата и да се добие во квалитет.
Со ждрепка беа формирани две групи со по три екипи. Работнички играше во Загреб, во група со домашната Младост и со Одред од Љубљана. Во првиот натпревар скопскиот тим беше хендикепиран зашто мораше да настапи без својот клучен играч и тренер Славко Матовски, кој се разболе и немаше сили за игра, па остана само на клупата за да ја води екипата. Исто така, од стандардната постава недостигаше и Стефан Тодоровски-Цефи, кој беше наставник во Средното фискултурно училиште и не доби дозвола од директорот да отсуствува од наставата, а на голот, поради казна, не можеше да застане и стандардниот чувар на мрежата Борче Стојковски. Но, и покрај сите овие неволји, Работнички се избори за реми, играјќи 4-4 со фаворизираниот противник. Со оглед на тоа што во регуларниот тек на мечот не се доби победникот, се изведуваа пенали. Овде, оние од кои најмногу се очекуваше, Драган Геровски-Дале и Љупчо Богдановски, не ги реализираа седмерците. Кога беа под импресија на овој загубен натпревар, дојде и вториот против Одред. Уште несоземени од поразот на пенали, ова го пишува и во својата книга Славко Матовски, љубљанчаните ја искористија збунетоста на нашите играчи и победија со 11-8. Потоа во меч за петтото место го победија Дрводелец од Вировитица со висок резултат 18-9. Така, во првиот настап во Југокупот скопјаните го освоија петтото место. Конечниот пласман изгледаше вака: Младост, Млада Босна, Црвена звезда, Одред, Работнички и Дрводелец.
Од сето она што го прикажа Работнички во текот на 1955 година општа беше оценката од спортската јавност оти клубот успешно оди напред и му претстои една убава иднина. Интересно е дека со растењето на клубот, по урнек на големите клубови, растеше и клупската евиденција. Од она што е запишано и остана како документ може да се види дека во 1955 година, РК Работнички имал 62 активни члена, од кои 37 биле сениори, девет младинци на возраст од 16-17 години и 16 девојки, членки на новоформираната женска екипа во мал ракомет.
Кога ќе се споредуваат и одиграните натпревари во таа сезона, тие се значително поголеми од оние во претходните години. Тоа го потврдуваат и следните податоци: во 1952 година биле одиграни само три натпревари во мал ракомет, следната година 16, во 1954 имало 13, а во 1955 поради проширувањето на системот на натпревари на нивото на поранешна Југославија, ракометарите на Работнички одиграле 42 натпревар. Бројките најсликовито говорат колку многу од година на година се зголемувал бројот на одиграните натпревари.
































