Пред првата меѓународна средба во 1954 година, во голем ракомет, помеѓу Работнички и Јан Касел, Градски стадион во Скопје

Од ракометното минато (11)

  • РК Работнички во октомври 1954 година неколку дена му беше гостин на германски Визбаден. Шест ракометни екипи од ДТВ Партизан беа учесници на републичкото првенство во мал ракомет во 1954 година. Во училишните дворови никнуваа ракометни игралишта

Ракометот рапидно ја зголеми својата популарност, особено по појавата на новата форма на игра со рака, малиот ракомет. Причина за ова беше инфраструктурата, која за разлика од големиот ракомет, кој се играше на фудбалски терен, во малиот ракомет доволна беше мала преадаптација на училишните дворови за да се постави ракометен терен. Токму поради овој факт, малиот ракомет стана многу поблизок до училишната младина и тој почна да се игра речиси во сите градови низ Македонија. Во Скопје први ваков терен имаа учениците на ОУ „Браќа Миладиновци“, каде што, впрочем, се одигра и првото официјално републичко првенство.
Потоа ракометните игралишта никнуваа насекаде, па така, заедно со фудбалот, ракометот стана еден од најпривлечните спортови. Задоволителна беше и масовноста, па често кога ќе поминевме покрај некое од училиштата не бевме изненадени, што за разлика од порано кога се играше само фудбал, овој пат топката се дофрлаше од играч до играч со рака. Токму оваа заинтересираност меѓу учениците придонесе во многу, особено средни, училишта да почне да се игра малиот ракомет. Но ова не значи оти тој го потисна фудбалот. Не, не можеше да се случи тоа, зашто фудбалот, сепак, остана спорт број еден за учениците.

ДТВ Партизан имаше најмногу ракометни екипи

Ако се погледне составот на учесниците на првото официјално републичко првенство на Македонија во 1954 година, ќе се види оти Друштвата за телесно воспитување Партизан беа главни носители на ракометната игра. На ова прво првенство, за разлика од претходното, кое на некој начин беше неофицијално, зашто тоа беше практично двомеч помеѓу Работнички и Партизан 1, учествуваа дури осум екипи, поделени во две групи. Меѓу осумте, дури шест беа од средините на ДТВ Партизан, а само два беа што функционираа како ракометни клубови, Работнички од Скопје и Младост од Титов Велес. Самиот овој податок најубаво зборува колку беше големо значењето на Друштвата за телесно воспитување Партизан на Југославија, кои практично беа основни носители речиси на сите спортски активности, иако се сметаше оти тие се формирани пред сѐ за гимнастика и масовна рекреација.
На првото првенство на Македонија во мал ракомет, оној денешниот, редоследот на екипите на двата полуфинални турнира беше следен: Во првата група првото место го освои Партизан 1, кој веќе имаше регистриран ракометен клуб во РСМ. На второ место беа ракометарите на Партизан 7 од Скопје, на трето се пласира Партизан од Гостивар, а на четврто Младост од Т. Велес. Во втората група Работнички беше прв, а ракометарите на ДТВ Партизан од Кавадарци беа втори, битолчаните беа трети, а стружаните четврти.
Финалниот натпревар меѓу победниците во групите, ДТВ Партизан 1 и Работнички, се одиграл под ненормални услови. Поради обилниот дожд пред, а и за време на одигрувањето на финалето теренот бил каллив и топката тешко можела да се контролира. Впрочем и самиот резултат од тоа финале, 2-1 за Работнички, најубаво покажува во какви услови се одиграла првата битка за првак на Македонија. Сепак, поквалитетниот, па може да се каже и поискусен тим на Работнички не дозволил победничкиот пехар да заврши во витрините на противникот. Така, тој со години остана да ги краси просториите на РК Работнички, во тоа време водечкиот ракометен клуб во Македонија.
Интересно е што неколкуте екипи на ДТВ Партизан што учествуваа на првото републичко првенство доаѓаа од градовите каде што ракометот зафати корени, па и денес на некој начин тие се нашите ракометни центри, Битола, Кавадарци, Струга, Велес и Скопје.

Прва меѓународна победа со – кошаркари

Сега ќе направам една дигресија и ќе видиме како дојде до тоа токму РК Работнички да биде поканет од Германците да гостува во нивната земја. Во текот на јануари 1954 година, Кошаркарскиот клуб на СД Работнички, кој веќе имал воспоставено комуникација со клубот од Хајделберг, бил поканет да гостува во истоимениот град. Во екипата на Работнички имало еден мешан состав од кошаркари и ракометари. Кога домаќините разбрале оти се работи за сестрани спортисти, му понудиле на Работнички да одигра и еден натпревар во мал ракомет со екипата „Јан“ од Касел. Скопјаните без колебање не само што го прифатиле предлогот туку во една прекрасна сала во Касел и го совладале домашниот тим со 8-6. Германците биле непријатно изненадени и не можеле да веруваат оти доживеале пораз, и тоа од тим составен претежно од кошаркари.
Инаку, натпреварот се одиграл со скратена минутажа, трипати по седум минути. Во тој временски интервал од 21 минута, тимот предводен од Славко Матовски подобро се снашол и дошол до победа. Е, сега, да се види оти навистина во ракометниот состав доминирале пред сѐ кошаркари, еве ги имињата на играчите што дошле до првата меѓународна ракометна победа: Тошо Тодоровски (голман), Стефан Тодоровски-Цефи (еден од основоположниците на македонската кошарка), Славко Матовски и Драган Геровски (двајцата и кошаркари и атлетичари, но во основа нивен спорт беше ракометот), потоа Тихомир Михајлов (неколку години најдобар кошаркар во Македонија), Страшо Ромевски и Жарко Ѓуковиќ, по вокација и двајцата кошаркари. Ете, со една кошаркарска екипа Работнички остварил ракометна победа над еден од најдобрите германски тимови.
Ова беше навраќање на она што му претходеше на ракометниот клуб, кој веќе се стабилизира и беше цврст ривал за секој противник. Така, по одигрувањето на републичкото првенство, шампионот Работнички по покана на екипата од Визбаден, во октомври 1954 година, заминал на турнеја во Западна Германија. Според пишувањето на Славко Матовски, во неговата книга посветена на РК Работнички, таму скопјаните одиграле вкупно пет натпревари, од кои два во голем и три во мал ракомет. На оваа турнеја ѝ претходело гостувањето за време на првомајските празници на екипата „Јан“ од Касел во Скопје. Двата тима одиграле еден натпревар во голем ракомет, пред околу 2.000 гледачи на Градскиот стадион. Победник во тој дуел бил Работнички со 18-11 (6-6). Нормално, овој резултат одекнал како големо изненадување, зашто во тоа време Германците не само што имале квалитетна лига туку биле и светски прваци во овој спорт. Боите на Работнички на овој меч ги бранеле Борче Стојковски, Бранко Димитровски, Жарко Ѓуковиќ, Драган Геровски, Зафир Куновски, Никола Цветковски, Стефан Тодоровски, Будимир Блажевски, Славко Матовски, Панче Николов,, Марко Тодоров и Душан Арсов. Прв стрелец на мечот бил Драган Дале Геровски со шест гола.

Во Германија само една победа

Октомвриската турнеја на Работнички во Западна Германија не беше многу успешна. Во петте одиграни натпревари била остварена само една победа, со 9-3, и тоа во мал ракомет над Визбаден. Всушност оваа екипа била најсилната, за разлика од оние две, од кои во претходните дуели скопјаните биле поразени. Таа дошла како мелем на рана, по поразите од Спортферајн со 2-7 и од Ајнтрахт со 4-6. Токму овој момент бил потенциран и во германскиот спортски печат, во кој било напишано, оти во дуелот со Визбаден, Работнички ги покажал својата вистинска сила и квалитет во малиот ракомет.
Во двата натпревара во голем ракомет скопскиот тим доживеал исто толку порази, прво во Дармштад загубил со 13-15 од Грин Вајс, а потоа и од Клајн Остхајм со 8-10. Овие резултати негативно се одразиле врз атмосферата во клубот, но истовремено покажале оти кога се работи за вакви меѓународни средби треба да се има посериозен пристап и подолготрајни подготовки. Според пишувањето на Славко Матовски, неговиот тим се преценил и тука ја гледа главната причина за четирите порази.
Како што беше случај кога кошаркарите на Работнички гостуваа во Германија, па во рамките од турнејата одиграле и еден ракометен натпревар, така и сега кога ракометарите беа гости во Германија во Бод Хомбург, одиграле еден кошаркарски меч со тимот на Турнгемајде, во кој во продолжението од мечот забележале победа со 68-65.
Соработката со Германците продолжила и во 1955 година, кога во мај во Скопје гостувала екипата на Ротвајс од Хамбург. Со неа Работнички одиграл еден натпревар во голем ракомет и бил поразен со 12-19. Гостувањето на Германците било искористено да се организира и првиот меѓународен ракометен турнир во Македонија. Натпреварите се одиграле на Спортскиот полигон на ЈНА во Градскиот парк, каде што биле поставени и монтажни трибини. Најуспешни на турнирот биле ракометарите на Работнички, кои во трите настапи против Ротвајс, Средношколец и Партизан 1 оствариле победи. Средношколец го освоил второто место, а Ротвајс третото место, двата тима со по три бода, а последна била екипата на Партизан 1 без бодови.