На турнирот (од 14 до 17 јуни) за ракометари до 18 години ќе настапат осум екипи, од Македонија, Србија и од Хрватска, кои ќе се натпреваруваат за победничкиот пехар во чест на прерано починатиот млад ракометар

РАКОМЕТ – ИДНАТА НЕДЕЛА ВО СКОПЈЕ

Во СЦ „Марко Божиновски“, во Скопје, од 14 до 17 јуни, осум екипи (момчиња родени 2004 година и помлади), од три држави (Македонија, Србија и Хрватска), ќе се натпреваруваат за победничкиот пехар во премиерното издание на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“, во чест на прерано починатиот млад и голем ракометен талент.
Помина една година откако младиот ракометар и член на македонскиот национален тим, Марко Божиновски, тивко си замина. Веста одекна со неверување силно и далеку. Во негова чест и аманет, а имајќи предвид дека ракометот беше негова љубов и животна определба, неговото семејство ја отвори фондацијата „Марко Божиновски“, со визија вечно да живеат неговиот лик и дело, со поддршка на младите луѓе што имаат спортски талент, а немаат можност да инвестираат во себе, но и всадување спортски дух кај новите генерации спортисти, дух што Марче го носеше во себе. Водејќи се од визијата на фондацијата, во сегментот на организација на спортски активности и настани за деца и млади, од 14 до 17 јуни годинава, фондацијата „Марко Божиновски“ со особена чест и задоволство го најавува премиерното издание на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“, за ракометари до 18 години.
Ќе се игра по принцип секој со секого во својата група, со временско темпо од двапати по 30 минути. Првопласираните од двете групи ќе играат натпревар за првото место, второпласираните за трето итн. Сите мечеви ќе бидат пренесувани во живо на јутјуб-каналот. Церемонијата на доделување пехари, медали и избор на најдобар голман, стрелец и играч на турнирот, проследени со мала забава, ќе почне од 20.30 часот, последниот ден.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

А: Војводина, Пролет, Вардар, Бутел
Б: Нексе, Алкалоид, Голден арт, Еурофарм Пелистер