Македонската машка ракометна репрезентација по деветти пат се пласира на ЕП, а осми во низа, што заедно со деветте настапи на мундијалите е вкупно 18-то учество на црвено-жолтите на големи натпреварувања, на кои постојано играат од 2012 година, што секако се резултати за почит
РАКОМЕТ – ЗАВРШИЈА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА 17. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО 2026
Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, се пласира на претстојното 17. Европско првенство (ЕП) во Данска, Норвешка и Шведска, кое ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари 2026 година, со учество на 24 селекции. Во последниот решавачки натпревар за пласман во групата еден, Македонија ја декласира во преполниот СЦ „Јане Сандански“ во Скопје селекцијата Литванија со 26-17 (13-11), реванширајќи се за поразот на гости (27-29) и на тој начин го освои посакуваното второ место со шест бода, колку што имаше и Литванија, но со многу поубедлива гол-разлика.
Така, Македонија по деветти пат ќе биде дел од ЕП, а осми во низа, што заедно со деветте настапи на мундијалите, е вкупно 18-то учество на црвено-жолтите на големи натпреварувања, на кои постојано играат од 2012 година, што секако се резултати за почит. Во групата еден прва беше Словенија, со максимални 12 бода, а последна Естонија без освоен бод. Победничката еуфорија можеше да почне.
– Сакам да им честитам на сите момци за пласманот на Европското првенство. Им честитав и во Естонија и ги поддржав. Дојде публиката во салата, нѐ поддржа по претходната победа со 19 гола разлика. Сите беа решени да се пласираат на ЕП 2026. Отворивме лошо, типично македонски, но, како одминуваше времето, така натпреварот одеше во наша корист. Момците не се испаничија, покажаа карактер. Имавме екстра-квалитетен натпревар, знаевме што сакаме. Секоја чест за целиот тим. Сега ќе играме со најдобрите во Европа – не го криеше своето задоволство селекторот Лазаров.
Најефикасни во македонските редови беа капитенот, левиот бек Филип Кузмановски и десниот бек Мартин Серафимов со по пет погодоци, додека на голот доминираше Мартин Томовски со 11 одбрани (55 отсто).
– Среќен сум што ја остваривме нашата цел и се пласиравме на вакво големо натпреварување. Драго ми е, чест и задоволство ми е секогаш да играм за Македонија, а така ќе биде и во иднина. Им честитам на сите за овој триумф, бидејќи, без разлика на сѐ, играме и победуваме заедно. Ова не е само мој момент, ние сме тим и уживаме заедно во овој успех. Ни следува ЕП, а најважно е да останеме сите здрави. До шампионатот има уште време. Сега малку ќе уживаме во успехот – изјави голманот Томовски.

За овој голем успех ракометарите и стручниот штаб ќе поделат премија, која новото раководство на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) им ја вети, а тоа се 1.500.000 денари, а исто толку ќе добијат и од Министерството за спорт, или вкупно 3.000.000 денари.
– Пред сѐ да ѝ се заблагодарам на публиката, среќен сум и горд на моите момци. Ова ЕП многу ни значи, оти ќе завршиме повторно таму каде што ни е местото. Покажавме дека оваа селекција има многу квалитет и дека многу ветува во иднина, а го покажавме тоа и на Светското првенство. Никого не потценивме во нашата група, а Литванија беше тежок ривал. Натпреварот го почнавме тешко, почувствуваме мал умор. Меѓутоа секогаш кога се игра за Македонија има и дополнителна енергија и среќен сум за овој успех. Јас и постарите играчи треба да бидеме пример за помладите. Одиме на ЕП, навистина сме среќни – рече капитенот Филип Кузмановски.
Свој коментар за големиот успех имаше и десниот бек Мартин Серафимов.
– Морам да потенцирам дека верувавме во победа и дека ќе се квалификуваме на претстојното Европско првенство. Сите бевме сигурни дека ќе го дадеме максимумот и нема да излеземе од сала додека не победиме. Ова е генерација со која долго време се работи, па и кога недостигаат еден-двајца играчи, нашиот систем ни го лансира квалитетот. Нашата публика е нашиот осми играч, каде и да играме. Нивната поддршка секогаш допира до нас – додаде Серафимов.
Најуспешна селекција досега на европските првенства е Шведска, со пет златни медали и по едно сребро и бронза. Г.И.
Резултати, 6. коло
Македонија – Литванија 26-17
Словенија – Естонија 36-30
ТАБЕЛА, ГРУПА ЕДЕН
Словенија 6 6 0 0 12
Македонија 6 3 0 3 6
Литванија 6 3 0 3 6
Естонија 6 0 0 6 0
Сите настапи на Македонија на ЕП
ГОДИНА ДРЖАВА МЕСТО
1998 Италија 12
2012 Србија 5
2014 Данска 10
2016 Полска 11
2018 Хрватска 11
2020 Авс/Нор/Шве 15
2022 Унгарија 22
2024 Германија 17
2026 Дан/Нор/Шве ?
Познати сите 24 учесници на ЕП
Словенија, Македонија (група еден), Унгарија, Црна Гора (група два), Исланд, Грузија (група три), Шпанија, Србија (група четири), Хрватска, Чешка (група пет), Фарски Острови, Холандија (група шест), Германија, Австрија (група седум), Португалија, Полска (група осум), како освојувачи на првите две места во групите. Романија (група осум), Италија (група четири), Швајцарија (група седум) и Украина (група шест), како најдобро третопласирани селекции. Франција како актуелен шампион и Данска, Норвешка и Шведска како кодомаќини се селекциите што ќе настапат на ЕП.
Ждрепката в четврток
Познати се и барабаните за ждрепката за групната фаза, која ќе се одржи в четврток во данскиот град Хернинг. Според рејтингот, Македонија ќе биде во третиот шешир, заедно со Австрија, Холандија, Црна Гора, Чешка и Полска, што значи не може да игра со нив. Во првиот барабан се: Франција, Данска, Шведска, Германија, Унгарија и Словенија, во вториот Норвешка, Португалија, Исланд, Хрватска, Шпанија и Фарски Острови и во четвртиот Грузија, Србија, Швајцарија, Италија, Романија и Украина. Групите А и Б ќе се играат во Хернинг, групите Ц и Д во норвешки Баерум, додека Е и Ф ќе бидат во шведските градови Малме и Кристијанштад.
Нај, нај, нај…
Словенија (група еден), Исланд (група три) и Хрватска (група пет) се селекциите што остварија максимални шест победи, односно освоија по 12 бода, додека ниту еден бод не впишаа Естонија, Словачка, Летонија и Турција. Најмногу голови постигна Холандија (205), а најмногу прими селекцијата на Летонија (220). Најубедлива гол-разлика оствари репрезентацијата на Хрватска (плус 61 гол), а најлоша селекцијата на Летонија (минус 55). Македонија во својата група постигна 179, а прими 166 гола, односно имаше позитива од 13 погодоци.