Со мечевите Вардар – Бутел (17.30 часот) и Голден Арт – Еурофарм Пелистер (19 ч.) денеска почнува првото издание на меморијалниот ракометен турнир „Марко Божиновски“. Турнирот што се игра во чест на прерано починатиот млад ракометар е во организација на фондацијата „Марко Божиновски“.
Во СЦ „Марко Божиновски“, во Скопје, од денеска па до петок, осум екипи (момчиња родени 2004 година и помлади), од три држави (Македонија, Србија и Хрватска), ќе се натпреваруваат за победничкиот пехар. Во групата А ќе играат Војводина, Пролет, Вардар и Бутел, а во групата Б Нексе, Алкалоид, Голден арт и Еурофарм Пелистер.
Ќе се игра по принцип секој со секого во својата група, со временско темпо од двапати по 30 минути. Првопласираните од двете групи ќе играат натпревар за првото место, второпласираните за трето итн. Сите мечеви ќе бидат пренесувани во живо на јутјуб-каналот. Церемонијата на доделување пехари, медали и избор на најдобар голман, стрелец и играч на турнирот, проследени со мала забава, ќе почне од 20.30 часот, последниот ден.