РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП
- Охриѓани и во реванш-мечот од четврт-финалето пред своите навивачи славеа на дуелот со Олимпијакос, овој пат со 25-24. Во полуфиналето Охрид ќе игра со Целје, 26-кратниот првак на Словенија и некогашен европски шампион
Македонскиот ракометен суперлигаш Охрид ќе игра во полуфиналето на Европскиот куп (ЕК) против словенечкиот клуб Целје, откако пред своите навивачи славеше со 25-24 на натпреварот со грчкиот претставник Олимпијакос, кого го победи и во првиот четвртфинален натпревар, во Атина, уште поубедливо, со 31-26.
Целје, 26-кратниот првак на Словенија, ќе биде сериозен противник на охриѓани. Некогашниот европски шампион во четврт-финалето на Европскиот куп беше подобар од романскиот претставник Бузау, кого на свој терен го совладаа со 41-32, а претходно на гости одиграа нерешено, 36-36. Целје титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) ја освои во 2004 година, а уште шест пати играше во полуфиналето на најквалитетното европско клупско ракометно натпреварување.
Словенечкиот клуб Целје славеше и во Суперкупот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во 2004 година, а двапати учествуваше и во полуфиналето на некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК). Во сегашниот состав на Целје играат тројца ракометни интернационалци, и тоа Олександ Онуфриенко од Украина, Алекс Богнар од Унгарија и Лука Периќ од БиХ.
Избраниците на тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, полуфиналниот двомеч со Целје ќе го играат на 25 април на гости и на 3 мај на свој терен. Од втората полуфинална двојка до саботата беше познат само еден тим, унгарска Татабања, а вториот требаше да биде познат синоќа, кога вторпат требаше да се сретнат Карвина од Чешка и Извиѓач од БиХ. Првиот натпревар на свој терен го доби Извиѓач, со 36-31.
На патот до полуфиналето Охрид сезонава победи во сите осум меча, и тоа на дуелите со Баки од Азербејџан во второто коло, со Слога Добој од Бих во третото коло, со Дукла Прага од Чешка во осминафиналето и со Олимпијакос од Грција во четврт-финалето. Целје сезонава во ова натпреварување оствари шест победи и по едно реми и пораз.
Во триумфот на реванш-дуелот со Олимпијакос кај охриѓани доминираше Анте Иванковиќ со осум гола, Томи Јагуриновски постигна четири, а Вуко Борозан и Дарко Ѓукиќ по три. Кристијан Пилиповиќ беше одличен на голот со 10 одбрани. Кај Олимпијакос, Савас Савас повторно беше најефикасен со пет погодока.
Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид го освои пехарот во Европскиот куп за минатата сезона, 2024/2025. Победничкиот пехар, кој неоправдано не беше доделен во Скопје откако не се одигра возвратниот натпревар во Скопје од финалето на тоа натпреварување со грчкиот АЕК, со одлука на ЕХФ замина во витрините на Алкалоид, кој во таа сезона ги совлада Клаипеда Драгунас (Литванија), Вест Виена (Австрија), Бриксен (Италија), Баја Маре (Романија), Сандефјорд (Норвешка) и АЕК (Грција). За Алкалоид тоа е прв европски трофеј, а за македонскиот ракомет четврти пехар, по титулите европски шампион на Вардар, освоени во 2017 и во 2019 година во машка конкуренција и европската титула во женска конкуренција на Кометал Ѓорче Петров, освоена во 2002 година. Г.И.
ЕВРОПСКИ КУП, СЕЗОНА 2025/2026
Полуфинале
Целје – Охрид
Татабања – Извиѓач или Карвина
мечевите се на 25 април и на 3 мај































