Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ

  • Охрид убедливо славеше со 31-26 против Олимпијакос во Атина

Македонскиот ракометен клуб Охрид забележа значајна и убедлива победа изразена со пет гола разлика, 31-26, на дуелот на гости со грчкиот претставник Олимпијакос во првиот натпревар од четврт-финалето во Европскиот куп на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Со оваа победа, избраниците на тренерот Борис Ројевиќ направија огромен чекор кон пласманот во полуфиналето, натпреварување во кое лани триумфира македонскиот претставник Алкалоид. Сѐ ќе биде познато по реванш-мечот, кој е закажан в сабота во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид (од 18 часот).
Победата во Атина се наѕираше уште по првиот дел, кога Охрид поведе со 15-10. Кај Охрид најефикасни играчи беа Анте Иванковиќ и Никалос Лиапис со по седум гола, а кај Олимпијакос, Савас Савас ја затресе мрежата 14 пати. Одлично бранеше голманот на Охрид, хрватскиот интернационалец Кристијан Пилиповиќ, со вкупно 15 одбрани.
Во другите први четвртфинални дуели од ова натпреварување, Извиѓач (БиХ) славеше дома против Карвина (Чешка) со 36-31, Целје (Словенија) го совлада на свој терен Бузау (Романија) со 41-32, а Татабања (Унгарија) одигра нерешено 31-31 пред своите навивачи против Нилуфер (Турција). Г.И.