Македонија, според распоредот, синоќа играше со дебитантот на светските првенства, Гвинеја, и важеше за голем фаворит, во третото коло од групата Д. И реми на избраниците на селекторот Кирил Лазаров им носеше пласман во втората фаза, каде што ќе пренесат еден бод и ќе играат со селекции од групата Ц (Франција, Австрија и Катар), а истовремено и подобар пласман од СП 2023
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ
Данска, Италија (група Б), Франција, Австрија (група Ц), Холандија (група Д), Португалија (група Е), Хрватска и Египет (група Х) се репрезентациите што обезбедија пласман во групната фаза на Светското првенство (СП) во ракомет за мажи, кое се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, по некомплетното трето коло. Македонија, според распоредот, синоќа играше со дебитантот на светските првенства, Гвинеја, и важеше за голем фаворит, во третото коло од групата Д. И реми на избраниците на селекторот Кирил Лазаров им носеше пласман во втората фаза, каде што ќе пренесат еден бод и ќе вкрстат со селекциите од групата Ц, а истовремено и подобар пласман од претходното СП, во 2023 година во Полска и во Шведска, кога беа на 27-та позиција.
Капитенот на македонската репрезентација, левиот бек Филип Кузмановски, по некомплетното трето коло беше на делба на четвртата позиција според бројот на постигнати голови. Тој пред да го одигра вчерашниот трет меч имаше 19 погодоци од 26 шута (66 отсто). Толку гола реализираа и Данецот Емил Јакобсен од 22 обида (86 отсто) и Австриецот Себастијан Фримел од 29 шута (66 отсто). Најефикасен беше Данецот Матијас Гидсел со 23 погодока од 37 шута (62 отсто), пред Холанѓанецот Рутгер тен Велде и Данецот Симон Питлик со по 20 гола.
До вчера процентуално најдобар чувар на сопствената мрежа беше Хрватот Доминик Кузмановиќ со 25 одбрани од 47 шута (53 отсто). Веднаш зад него со 50 отсто ефикасност, односно осум одбрани од 16 удари, беше Холанѓанецот Барт Равенсберген, а трет е Шпанецот Перез де Варгаз, со 17 одбрани од 36 обида (47 отсто). Само според бројот на одбрани македонскиот голман Никола Митревски беше на 12-то место, со 20 одбрани од 71 шут (28 отсто) на два меча. Прв е Данецот Емил Нилсен со 40 одбрани од 88 удари (45 отсто), но на три средби.
Македонската репрезентација вчера 11-ти пат играше против селекција од Африка на светските првенства. Не сметајќи го мечот со Гвинеја (дуелот се играше синоќа), црвено-жолтите забележале шест победи и четири порази. Претходен пат Македонија победи на дуел со селекција од Африка во меч за пласман во Президент-купот на СП 2023, на средбата со Мароко, 40-25, а најефикасен беше Филип Кузмановски со осум гола. Другите дуели се на СП 1999 Македонија – Египет 24-30, СП 2009 Македонија – Тунис 24-25, Македонија – Алжир 32-19, СП 2015 Македонија – Тунис 33-25, СП 2017 Македонија – Тунис 34-30, Македонија – Ангола 31-22, СП 2021 Македонија – Египет 19-38, СП 2023 Македонија – Алжир 40-25 и Македонија – Тунис 28-33.
Сите натпревари од прелиминарната фаза во групата Ц завршија и познати се трите репрезентации што продолжуваат во главната рунда. Од Пореч во Вараждин ќе пристигнат европскиот првак Франција, Австрија и Катар. Од групата Д во главната фаза пласман по две кола оверија Холандија и Унгарија, а вчера се очекуваше да им се придружи и Македонија. Натпреварите од главната рунда ќе се играат во Вараждин од утре до сабота, во термините од 15.30, 18 и од 20.30 часот.
По мечевите во саботата, во групата 1 се пласираа Данска, Италија, Тунис и Германија, во групата 2 се Франција, Австрија, Катар, Унгарија и Холандија, во групата 3 се Португалија, Норвешка, Шведска и Шпанија и во групата 4 се Словенија, Исланд, Хрватска и Египет. Во секоја група ќе има по шест селекции, а најдобрите две од секоја група ќе играат во четврт-финалето.
Трката за врвот во групата Ц се водеше во Пореч помеѓу Франција и Австрија, која во последните години бележи подем. Избраниците на селекторот Гијом Жил чекаат светски трофеј од 2017 година, а амбициите јасно ги покажаа со високите победи во првите две кола. И покрај тоа што се повредија Никола Билик и Јанко Божовиќ, Австрија оствари две победи, но не можеше да ѝ се спротивстави на Франција и загуби со 27-35. Кај Австрија се истакна капитенот Себастијан Фримел со пет гола, а кај победникот Тибо Бриет и Дика Мем, кој беше и играч на натпреварот, и двајцата со по шест гола. Од оваа група, Катар, предводен од селекторот Веселин Вујовиќ, и Кувајт се бореа за третото место што води во главната рунда во Вараждин. На првенството на Азија се сретнаа двапати, и двапати победи Катар. Така беше и тука, овој пат со 25-22. Абдулазиз Алшамари постигна девет гола за Кувајт, а Жарко Мирковиќ седум за Катар. Катарскиот голман Анадин Суљаковиќ беше играч на мечот со 11 одбрани. Г.И.
Група А
Чешка – Полска 19-19
Швајцарија – Германија 29-31
ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 4
Чешка 2 0 2 0 2
Швајцарија 2 0 1 1 1
Полска 2 0 1 1 1
Трето коло (вчера): Полска – Швајцарија, Германија – Чешка.
Група Б
Алжир – Тунис 25-26
Данска – Италија 39-20
ТАБЕЛА
Данска 3 3 0 0 6
Италија 3 2 0 1 4
Тунис 3 1 0 2 2
Алжир 3 0 0 3 0
Група Ц
Франција – Австрија 35-27
Катар – Кувајт 25-22
ТАБЕЛА
Франција 3 3 0 0 6
Австрија 3 2 0 1 4
Катар 3 1 0 2 2
Кувајт 3 0 0 3 0
Група Д
Холандија – Македонија 37-32
Гвинеја – Унгарија 18-35
ТАБЕЛА
Холандија 2 2 0 0 4
Унгарија 2 1 1 0 3
Македонија 2 0 1 1 1
Гвинеја 2 0 0 2 0
Трето коло (вчера): Македонија – Гвинеја, Унгарија – Холандија.
Група Е
Португалија – Бразил 30-26
САД – Норвешка 17-33
ТАБЕЛА
Португалија 2 2 0 0 4
Норвешка 2 1 0 1 2
Бразил 2 1 0 1 2
САД 2 0 0 2 0
Трето коло (вчера): Бразил – САД, Норвешка – Португалија.
Група Ф
Шпанија – Јапонија 39-20
Чиле – Шведска 30-42
ТАБЕЛА
Шведска 2 2 0 0 4
Шпанија 2 2 0 0 4
Чиле 2 0 0 2 0
Јапонија 2 0 0 2 0
Трето коло (денеска): Јапонија – Чиле, Шведска – Јапонија.
Група Г
Зеленортски О. – Словенија 24-36
Исланд – Кувајт 30-42
ТАБЕЛА
Словенија 2 2 0 0 4
Исланд 2 2 0 0 4
Куба 2 0 0 2 0
Зеленортски О. 2 0 0 2 0
Трето коло (денеска): Куба – Зеленортски О., Словенија – Исланд.
Група Х
Бахреин – Египет 24-35
Хрватска – Аргентина 33-18
ТАБЕЛА
Хрватска 2 2 0 0 4
Египет 2 2 0 0 4
Бахреин 2 0 0 2 0
Аргентина 2 0 0 2 0
Трето коло (вчера): Аргентина – Бахреин, Египет – Хрватска.