СО ТРИУМФОТ НА СП 2025 ЗА РАКОМЕТАРКИ
- Репрезентацијата на Норвешка ја освои петтата светска титула и ја има комплетната златна тројка, по освојувањето на златните медали во 2024 година, на ЛОИ и на ЕП
Репрезентацијата на Норвешка ја освои титулата светски првак на 27. Светско првенство (СП) за ракометарки што се играше во Холандија и во Германија, откако во финалето ја совлада Германија со 23-20 (11-11). Под мотото „Раце горе за повеќе“, врвните селекции од целиот свет се собраа за да се натпреваруваат за светската ракометна титула. Финалето во Ротердам се одржа пред повеќе од 10.000 гледачи. Норвешка ја освои светската титула и ја има комплетната златна тројка, откако сега е актуелен олимписки и европски првак, по освојувањето на златните медали во 2024 година на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз и на Европското првенство (ЕП) што се играше во Австрија, Унгарија и во Швајцарија.
Норвешка е единствената репрезентација во историјата што освоила пет светски титули, една повеќе од Русија. За Германија, и покрај поразот, среброто означува историско достигнување, по нејзиното прво финале по 1993 година, кога во Норвешка го освои единствено злато досега. Норвешка има вкупно 18 златни медали од големите натпреварувања, и тоа 10 европски титули, пет светски и три олимписки.
Во годинашното финале Скандинавките по голема борба го надминаа жестокиот предизвик од кодомаќинот на СП 2025, Германија. Голманката Катрин Лунде (45), која на СП првпат заигра во 2003 година, се повлекува од репрезентацијата со неверојатна колекција од 13 златни медали на големите натпреварувања. Со по пет гола најефикасни кај Норвешка беа Хени Реистад и Русфелдт Деила, а кај Германките по четири реализации имаа Алина Гријселс, Виола Лојхтер и Емили Вогел.
Во натпреварот за третото место на СП 2025 трикратниот светски првак и бранител на планетарната титула од 2023 година, Франција, ја совлада Холандија, која има едно светско злато, од 2019 година, со 33-31. За најкорисна ракометарка (МВП) на СП 2025 е избрана Реистад. Г.И.
ТИТУЛИТЕ НА НОРВЕШКА
Најдобар тим на СП 2025
Млада ракометарка: Виола Лојхтер (Германија)
Голманка: Катрин Лунде (Норвешка)
Лево крило: Анти Дол (Германија)
Лев бек: Емили Вогел (Германија)
Среден бек: Бруна Де Паула (Бразил)
Десен бек: Дион Хушер (Холандија)
Десно крило: Емили Ховден (Норвешка)
Кружна напаѓачка: Сара Буктит (Франција)

































