Норвешка годинава го освои и олимпиското злато / Фото: ЕПА

ЕП 2024 почнува утре. Норвешка е актуелен европски и олимписки првак, Франција е светски шампион, а тие беа и меѓу статистички највпечатливите селекции на претходното ЕП, пишува ЕФХ. Македонија во групата А ќе игра со Шведска (утре), Турција (в сабота) и со Унгарија (в понеделник)

РАКОМЕТ – ШТО ГОВОРАТ ПОДАТОЦИТЕ ОД ЕП 2022, ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2024

Големи фаворити на Европското првенство (ЕП) за ракометарки, кое почнува утре, се бранителот на европското и на олимпиското злато Норвешка и актуелниот светски првак Франција, а тие беа и меѓу статистички највпечатливите селекции на претходното ЕП, пишува Европската ракометна федерација (ЕФХ). Франција беше дефанзивно извонредна и ја имаше најдобрата одбрана на ЕП, оти дозволи само 19,8 примени гола на 50 поседи на топката. Норвешка беше одлична на двете страни на теренот, рангирана на второто место и во нападот и во одбраната со, според системот приспособен за противникот, 26,8 постигнати и 20,7 примени гола на 50 поседи.
Користењето статистика приспособена за поседите на топката е значително позначајно отколку само бројот на примени голови, а тоа ги прави селекциите всушност споредливи, оти на бројот на голови не влијае само ефикасноста, туку и бројот на поседи на топката (дали тимот и нивните противници играат брзо или бавно), но бидејќи еден меч има приближно 50 поседи на топката во просек (54,4 на ЕП 2022), вредностите за оваа статистика се пресметуваат на 50 поседи, така што грубо ги одразуваат оние во натпреварите. Дополнително, бројките се приспособуваат на силата на противниците, што ја прави споредбата помеѓу селекциите поправедна во натпревари како што е ЕП, оти не секој тим игра со исти противници… Разликите на вистинските постигнати и примени голови потоа може да се додадат на постигнатите или примените голови на 50 поседи за да имаат приспособен рејтинг, вели анализата на Џулијан Рукс, пренесува ЕХФ.

Одбранбената статистика на Франција беше меѓу најдобрите во речиси секоја категорија, со најнизок процент на шут од противникот (50,9 отсто), втор најдобар процент одбрани (35,9 отсто) и втори најмногубројни загубени топки на ривалите (13,9) на 50 поседи. Дополнително, тие ги принудија противниците на втор најдолг напад со просечни 35,6 секунди. Меѓутоа, во офанзива, тие беа просечни во секоја статистика, што резултира со приспособени, според противникот, 24,5 гола на 50 поседи, што е само деветто место. Ракометарките, од друга страна, имаат континуитет, откако на ЕП 2024 ќе играат тие што настапија во 77,7 отсто од минутите на ЕП 2022. Сепак, отсуствува голманката Клеопатре Дарле, која имаше втор најдобар процент одбрани со 37,4 отсто во 2022 година, како составен дел од нивната извонредна одбрана пред две години.
Да ѝ се најде слабост на Норвешка на ЕП 2022 беше невозможно, оти беше многу добра во секој поглед. Сепак, тие имаат најголема измена во составот од сите во пошироката група фаворити. Годинава играат ракометарки што одиграа 53,5 отсто од минутите пред две години. Недостигаат ѕвезди како Стин Офтедал и Нора Мерк, која беше најдобар стрелец од седум метри со 3,5 гола во просек по натпревар или извонредни 96,6 отсто. Иако додадоа многу искуство со Камила Херем и Кари Братсет Дејл, тие се разбира уште ја имаат Хени Рајстад, која беше најкорисна ракометарка (МВП).
И покрај тоа што Норвешка го освои златото на меч со Данска пред две години во финалето, Данска беше победник во нивниот прв меч во главната фаза и со тоа беше единствената репрезентација што ја совлада Норвешка. Тие и годинава се меѓу фаворитите. Данска беше многу силна во нападот со 27,2 гола на 50 поседи, израмнета на врвот на ЕП. Во одбраната беше петта со 23,9 примени гола на 50 поседи. Со само 51,9 посед на топка по меч, нивните дуели беа трети најбавни, но тоа очигледно им помогна во нападот, пишува ЕХФ.
Можеби најинтересната селекција на ЕП 2022 според бројките беше Холандија. Тие играа најбрзо со 25,5 секунди по посед, но ги принудија противниците да го играат третиот најдолг посед со просек од 35,6 секунди. Ова доведе до најдобар процент на шут на ЕП (63,9 отсто) и трет најдобар напад во целина, со 25,7 гола на 50 поседи. Во одбраната, сепак, беше доволно само за седмо место со 24,8 примени гола на 50 поседи. На ЕП 2024 ќе играат ракометарките што играа 61,4 отсто од минутите пред две години.

Шведска има најголем континуитет. Ракометарките што одиграа 84,2 отсто од минутите на ЕП 2022 ќе играат и годинава. Селекцијата ги имаше осмиот напад и третата најдобра одбрана, со 22 гола. Германија и во нападот и во одбраната имаше по 25,5 гола, што беше шесто место за нападот и само 12-то место за одбраната. Црна Гора, предводена од сега пензионираната Јованка Радичевиќ, која одигра во просек 58,9 минути на седум меча, повеќе од кој било друг играч, беше на третото место и ја победи Франција во мечот за бронза. Тоа го должат главно на добриот напад, кој беше четврти со 25,7 гола на 50 поседи, а во дефанзивата беа на 11-то место со 25,5 примени гола, пишува ЕХФ.
ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и во Швајцарија е 16-то по ред. Во 2022 година ЕП се играше во Македонија, Црна Гора и во Словенија, титулата ја освои Норвешка, која е и најтрофејна, со девет златни медали. Македонија седми пат ќе настапи на ЕП, во групата А ќе игра со Шведска (утре, 20.30 часот), Турција (в сабота, 20.30 ч.) и со Унгарија (в понеделник, 18 ч.). Г.И.