ИЗБОР НА ЕХФ НА НАЈДОБРИТЕ РАКОМЕТАРИ НА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА
- На листата на ЕХФ на најдобрите ракометари на сите времиња на ЕП се Никола Карабатиќ, Ивано Балиќ, Магнус Висландер, Талант Душебаев и Микел Хансен, а меѓу најдобрите на континенталните шампионати се и Кирил Лазаров, Арпад Штербик, Тиери Омејер, Питер Генцел, Матс Олсон, Филип Јиха, Олафур Стефансон, Сандер Сагосен…
„Ако прашате за најдобриот ракометар на европско првенство (ЕП) на сите времиња, нема втор избор или второ мислење. Тоа е единствениот Никола Карабатиќ“. Како и селекторот на Германија, Алфред Гисласон, и многу други експерти го именуваат Французинот кога станува збор за најголемата легенда на ЕП, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Потенцијални претенденти има многу, вклучувајќи многу поранешни најкорисни играчи (МВП), европски шампиони, светски ракометари на годината, но има само еден што се издвојува, пишува ЕХФ, која ги наведува петте најдобри ракометари на сите времиња, во пресрет на 17. ЕП од идната недела во Данска, Норвешка и во Шведска.
ОНОЈ ШТО ОСВОИ СЀ
На 40 години, Карабатиќ го освои својот четврти златен медал на ЕП, со победата над Данска во финалето во 2024 година, по продолженијата. Во 2006, 2010 и во 2014 година, Карабатиќ, исто така, се искачи на подиумот за европски победници. Освен тоа, тој освои четири злата на светските првенства (СП) и три на летни олимписки игри (ЛОИ), пред неговата кариера да заврши во четврт-финалето на ЛОИ 2024, со поразот од Германија по продолженијата. Карабатиќ ги држи сите рекорди на ЕП: никој друг не одиграл повеќе натпревари (79 од 2004 до 2024 година), само Микел Хансен постигнал повеќе голови (295), ниту еден друг играч не бил дел од европските олстар-тимови почесто (пет пати), само други двајца играчи биле МВП по двапати (уште и Ивано Балиќ и Џим Готфридсон), а само пет шведски играчи (Ола Линдгрен, Стафан Олсон, Стефан Левгрен, Магнус Висландер и Мартин Франдесјо) го освоија ЕП четири пати. Освен што беше прогласен за најкорисен играч во 2008 и во 2014 година, Карабатиќ беше најдобар стрелец во 2008 година, изедначен со Балиќ и со Ларс Кристијансен. Тој ја освои трипати Лигата на шампионите (ЛШ) со три клуба (Монпелје, Кил и Барселона), трипати беше прогласен за светски играч на годината од Светската ракометна федерација (во 2007, 2024 и во 2016 г.).
ОНОЈ СО НЕДОВРШЕНА РАБОТА
Кога Карабатиќ е најдобар играч на ЕП, Балиќ е тој со недовршена работа, пишува ЕХФ. Во 2004 и во 2006 година, хрватскиот плејмејкер беше МВП на ЕП и беше член на олстар-тимот четири пати, но никогаш не го освои трофејот. Во 2008 (против Данска) и во 2010 година (против Франција), тој беше дел од финалето. Балиќ беше најдобар стрелец на ЕП 2008, светски играч на годината на ИХФ во 2003 и во 2006 година и беше првиот ракометар што некогаш станал МВП на пет последователни настани (ЕП 2004, ЛОИ 2004, СП 2005, ЕП 2006 и СП 2007). Балиќ беше светски првак во 2003 година и олимписки шампион во 2004 година, пишува ЕХФ.
ЕДЕН ОД БЕНГАНСКИТЕ МОМЦИ
Под овие двајца магионичари, тешко е да се избере еден шведски ракометар на третата позиција, оти тие, „бенганските момци“ (ракометари од генерацијата предводена од Бенгт Бенган Јохансон) доминираа во раните години од историјата на ЕП, освојувајќи четири злата од 1994 до 2002 година, пишува ЕХФ. Можеше да биде Стефан Левгрен (четврти најдобар стрелец на ЕП на сите времиња со 203 гола) или Стафан Олсон, но конечно бронзата му припадна на Магнус Висландер. Тој остави трага во оваа генерација, прво како плејмејкер, а потоа и како линиски играч, беше награден за најдобар ракометар на минатиот век, светски играч на годината на ИХФ во 1990 и МВП на ЕП 2002. „Бенганските момци“ трипати беа олимписки финалисти, но се враќаа дома со сребра, откако станаа светски шампиони во 1990 и во 1999 година.
ОНОЈ ШТО ПОЧНА ДИНАСТИЈА
Број четири на листата на најдобри ракометари на ЕП, според ЕХФ, е уште еден што никогаш не освои злато на европската сцена, но беше светски и олимписки шампион и двапати ИХФ-играч на годината (1994 и 1996 г.), Талант Душебаев. Откако стана олимписки првак во 1992 година со тимот на ЗНД (наследник на Советскиот Сојуз) и светски првак со Русија во 1993 година, легендарниот плејмејкер доби шпанско државјанство во 1995 година и ги освои сребрата на ЕП во 1996 и во 1998 година, заедно со наградата МВП во 1996 година и номинацијата во олстар-тимот 1998 година. Синовите на Талант, Даниел и Алекс, станаа европски шампиони во 2018 и во 2020 година со селекцијата на Шпанија.
ОНОЈ СО НАЈМНОГУ ПОСТИГНАТИ ГОЛОВИ
Микел Хансен има незавршена работа во однос на трофеите во ЛШ, но тој ја водеше Данска до нејзиниот последен трофеј на ЕП, победувајќи ја Србија во Белград во финалето во 2012 година, кога постигна девет од 21 гол во триумфот, пишува ЕХФ. Хансен е најдобар стрелец на ЕП на сите времиња, оти го надмина Карабатиќ на ЕП 2024 за еден гол, по финалето, и има 296 погодока од 2010 до 2024 година. Двократниот олимписки и четирикратен светски првак беше трипати ракометар на годината во светот (2011, 2015 и 2018 година), трипати МВП на СП и двапати на ЛОИ, но и покрај четирите номинации за олстар-тимот никогаш не беше МВП на ЕП, како и ниту еден друг дански играч досега. Во својот последен клупски меч загуби во финалето на ЛШ со Алборг од Барселона, но во прошталниот натпревар како ракометар тој стана олимписки шампион со Данска, победувајќи ја Германија во финалето, пишува ЕХФ.
ШПАНСКИОТ ЅИД И МАШИНИТЕ ЗА ГОЛОВИ
Меѓу ракометарите што се на листата за ЕП има некои неверојатни приказни, како Арпад Штербик. Откако го загуби финалето на ЕП 2016 од Германија, тој се пензионира од шпанската репрезентација, но голманската легенда беше на штрек дома за време на ЕП 2018. Итната состојба се случи кога Гонзало Перез де Варгас беше заменет по повредата на последниот меч од главната рунда. Штербик допатува во Загреб и како Цезар, тој дојде, виде и освои, пишува ЕХФ. Во полуфиналето против Франција, Штербик одбрани четири пенали и одигра клучна улога во пласманот на Шпанија во уште едно финале на ЕП. Во финалето, пак, Штербик го замени Родриго Коралес по 24 минути, а во првите 20 минути од второто полувреме, „шпанскиот ѕид“ прими само три гола. Патот до првиот трофеј за Шпанија на ЕП беше трасиран, Штербик беше прогласен за МВП на финалето и стана шампион на ЕП со време на играње помалку од 50 минути. Што се однесува до голманите, Тиери Омејер има извонредна позиција со три европски злата со Франција, како и Питер Генцел и Матс Олсон, двајцата со Шведска, пишува ЕХФ.
Има и две легенди што никогаш не биле европски шампиони, но оставиле трага во ова натпреварување: Филип Јиха беше единствениот ракометар што никогаш не освоил медал, но станал МВП и најдобар стрелец, дури и на истиот настан, кога неговите 53 гола беа 32 отсто од сите чешки погодоци на ЕП 2010, а неговата репрезентација беше осма. Олафур Стефансон го водеше Исланд до нивниот, засега, единствен медал на ЕП (бронза во 2010 година), откако беше најдобар стрелец со неверојатен број од 58 гола во 2002 година. Во 2002, 2006 и во 2010 година, Стефансон беше и играч на олстар-тимот. Конечно, две машини за голови се најдоа на оваа листа. Македонецот Кирил Лазаров, кој постигна 61 гол на ЕП 2012, што изгледаше како рекорд за вечноста. Сепак, осум години подоцна норвешката ѕвезда Сандер Сагосен на ЕП 2020 постигна 65 гола и додаде 53 асистенции, станувајќи првиот ракометар во историјата на ЕП што имал вкупен трицифрен број во обете категории (118), пишува ЕХФ.
Но историјата секогаш се создава, да почекаме и да видиме што можат да направат Матијас Гидсел или браќата Кошта на ЕП 2026 за мажи, кое почнува на 15 јануари, пишува ЕХФ, на својата официјална интернет-страница. Г.И.






























