Фото: „Нова Македонија“

Македонија го доживеа и вториот пораз од Романија, со 27-28

РАКОМЕТ – СП ЗА МЛАДИНЦИ ВО ПОЛСКА

Македонската младинска репрезентација за ракометари до 21 година го загуби и вториот натпревар на 25. Светско првенство (СП) во Полска, на кое играат 32 селекции. Подобра од црвено-жолтите беше Романија, која минимално славеше со 28-27, иако избраниците на селекторот Раде Стојановиќ по првото полувреме водеа со пет гола разлика 17-12. Сепак, Романците направија целосен пресврт во вторите 30 минути и со тоа ја забележаа втората победа, додека Македонија со овој пораз, по оној од Фарски Острови, ги загуби сите шанси за пласман во следната фаза.
Најефикасен во македонските редови беше десниот бек Димитар Узунчев со седум гола, додека средниот бек Мирче Калајџиески постигна пет. Кај Романците доминираше средниот бек Даниел Станчуич, со дури 13 погодоци. Во последното коло Македонија денеска (14 ч.) во Катовице ќе игра со Исланд, додека Романија со Фарски Острови.
По две одиграни кола во групата Ф, Романија е прва со четири бода, Фарски Острови имаат три, Исланд еден, додека Македонија е без бодови. Првите две селекции од секоја од осумте групи одат во втората фаза. Титулата од пред две години ја брани Германија, втора беше Унгарија, а трет Исланд. Г.И.