Фото: ЕПА

РАКОМЕТ

  • Актуелниот европски првак Франција може да се изедначи со рекордерот Шведска со по пет трофеи, а Данска, која е олимписки и светски шампион, има цел да ја комплетира својата златна колекција и да повтори подвиг остварен од Франција, двапати. На претстојното ЕП 2026 може да бидат соборени или израмнети и некои други рекорди

На 17. издание на Европското првенство (ЕП) за ракометари, второ организирано од три земји, а четврто на кое ќе играат 24 репрезентации, бранителот на титулата Франција може да се изедначи со рекордерот Шведска со по пет трофеи, а Данска, која е олимписки и светски шампион, има цел да ја комплетира својата златна колекција и третпат да стане европски шампион, првпат од 2012 година, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ), која објави и факти во пресрет на континенталното првенство, на кое домаќини се Данска, Шведска и Норвешка, од 15 јануари.
На ЕП 2026 нема да има ниту еден дебитант. Само еден домаќин досега освоил злато, Шведска во 2002 година, а само таа селекција ја освои титулата трипати по ред (1998, 2000 и 2002 година). Само Французинот Гијом Жил бил шампион и како играч (2006, 2010) и како селектор (2024), пишува Европската ракометна федерација.
Само Франција беше европски, светски и олимписки шампион во исто време, во 2010 и во 2015 година, а Данска сега има цел да го стори тоа, откако стана олимписки првак во 2024 и светски шампион во 2025 година. Само Ларс Кристијансен од Данска беше најдобар стрелец и член на освојувачот на златниот медал на исто ЕП, во 2008 година.
Тројца актуелни селектори од 24-те репрезентации учесници беа европски шампиони како играчи, Стафан Олсон (со Шведска, актуелен селектор на Холандија), Гијом Жил (со Франција, актуелен селектор на Франција) и Дидие Динар (со Франција, актуелен селектор на Црна Гора). Три земји учествуваа на сите ЕП досега, вклучувајќи го и ЕП 2026, Франција, Хрватска и Шпанија, а Данска, Германија и Шведска ќе го играат својот 16-ти турнир. По двапати биле прогласени за најкорисни на финалните турнири само Ивано Балиќ, Никола Карабатиќ и Џим Готфридсон.
Вкупно 22 селекции што се пласираа на годинашното ЕП настапија и на претходниот континентален турнир, во 2024 година. Четирикратниот европски шампион Никола Карабатиќ одигра 79 натпревари на европските првенства, од 2004 до 2024 година и води на оваа листа, пред Раул Ентрериос (Шпанија, 60 натпревари) и Гудјон Валур Сигурдсон (Исланд, 59 меча). Карабатиќ е рекордер и според бројот на голови на ЕП, вкупно 295, откако на ЕП во 2024 година го собори претходниот рекорд, на Исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон (288 погодока).
Капацитетот на салите во Хернинг и во Малме е по 15.000 гледачи, таа во Осло може да прими 9.000 гледачи, а во Кристијанстад 4.500 гледачи. Најголемите места за мечеви на ЕП (со исклучок на првиот натпревар во Диселдорф, Германија, во 2024 година) беа арените во Будимпешта (во 2022 година, 20.022 гледачи), во Белград (2012 година, 20.000) и во Келн (2024 година, 19.750), а вкупно 53.586 гледачи беше светскиот рекорд на првиот натпревар на ЕП 2024, одигран на фудбалскиот стадион во Диселдорф, пишува Европската ракометна федерација. Н.М.