КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРКИ
- Македонија и Словенија досега меѓу себе одиграле вкупно 13 официјални натпревари, а Словенките се многу поуспешни, победиле девет пати, еден дуел завршил нерешено, додека Македонките славеле трипати
Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија со убедлив пораз на гостински терен, 18-34, од посилната Германија, ги започна квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2026 во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција. Во салата „Швалбе“ во градот Гумерсбах, избраничките на селекторот Кристијан Грчевски немаа сили за подвиг против фаворитот, а многуте технички грешки во нападот, особено во завршницата на мечот, беа причина за високиот пораз, како и фактот што 11 германски ракометарки се запишаа во листата на стрелците. Левото крило Емилијана Ризоска, пак, беше најефикасна на натпреварот со осум гола, додека десниот бек Ива Младеновска постигна четири. Кај Германките, левото крило Алексија Хауф и десниот бек Виола Лохтер реализираа по пет погодоци.
Во вториот натпревар од оваа група, Словенија на свој терен ја победи Белгија со 29-22 и ги впиша првите бодови. Следен противник на Македонија ќе бидат токму Словенките, а дуелот ќе се игра утре (18 ч.) во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
– Игравме добро 40 минути, но потоа… Ние сме млад тим и понеискусен од Германија. Долго време покажувавме што можеме да направиме, но тие имаа поголема моќ. Сега се надевам дека ќе бидеме подобри против силната Словенија – вели Младеновска.
Откако Фарски Острови победија на гости против Исланд на првиот ден од овие квалификации, домашните репрезентации не испуштија ниту еден бод, славејќи на сите преостанати 11 меча. Над 40 гола постигнаа само Холандија против Италија (42-19), Франција против Косово (43-12) и Србија против Литванија (42-33). На ЕП 2026 ќе играат првопласираните две селекции од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните.
Македонија (настапила на седум ЕП) и Словенија (на девет ЕП) досега меѓу себе одиграле вкупно 13 официјални натпревари. Словенките се многу поуспешни, победиле девет пати, еден дуел завршил нерешено, а Македонките славеле трипати. Во претквалификациите за ЕП 1996, Македонија дома победила (31-24), а на гости загубила (23-27). На СП 1997, Македонија била поуспешна (26-22). Во квалификациите за СП 1999, црвено-жолтите на гости загубиле (23-26), а дома победиле (21-17). Во плејофот за СП 2001, Македонија на гости била поразена (22-29), а дома одиграла нерешено (28-28). Во преостанатите дуели победиле Словенките. Така, во квалификациите за ЕП дома (35-17) и на гости (22-21), во плејофот за СП 2019, дома (38-27) и во Скопје (33-30) и во Купот на Европа, славеле на гости (27-20), а дома (29-28). Г.И.
Резултати 1. коло, група три
Германија – Македонија 34-18
Словенија – Белгија 29-22
Двојки 2. коло, утре
Белгија – Германија (13.45 ч.)
Македонија – Словенија (18 ч.)