Треба максимално да се подготвиме за напорите и за предизвиците што нѐ очекуваат во Хрватска. Се надевам дека сѐ ќе помине во најдобар ред во овој период и подготвени ќе го пречекаме почетокот на Светското првенство, изјави голманот Митревски
РАКОМЕТ
Македонската машка ракометна репрезентација предводена од селекторот Кирил Лазаров веќе е во Стара Пазова, каде што од неделата и официјално ги почна подготовките за настап на Светското првенство (СП) в година (15 јануари – 2 февруари) во Хрватска, Данска и во Норвешка. Црвено-жолтите во Стара Пазова ќе останат до 30 декември, предвидени се и неколку контролни средби, а потоа се враќаат во Скопје, каде што по новогодишните празници ќе ги продолжат тренинзите во Скопје, сѐ до заминувањето за Вараждин на 7 јануари, каде што е предвидена и пријателска средба со Хрватска.
Искусниот репрезентативен голман Никола Митревски верува дека до почетокот на Мундијалот, репрезентативците ќе бидат максимално подготвени.
– Среќни сме за почетокот на подготовките за Светското првенство, кое го очекуваме со нетрпение. Имаме доволно време за подготовка и за одигрување пријателски натпревари. Треба максимално да се подготвиме за напорите и за предизвиците што нѐ очекуваат во Хрватска. Се надевам дека сѐ ќе помине во најдобар ред во овој период и подготвени ќе го пречекаме почетокот на Светското првенство – изјави Митревски, а пренесе Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Македонија, која деветти пат учествува на СП, е во групата Д, заедно со селекциите на Унгарија, Холандија и на Гвинеја, а натпреварите ќе ги игра во Вараждин. Првите три репрезентации од секоја од осумте групи ќе играат во втората групна фаза, во која ќе има четири нови групи, од кои, пак, првопласираните две репрезентации ќе настапат во четврт-финалето. Г.И.