Фото: Маја Јаневска-Илиева

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2028

  • Македонија од вториот барабан во денешната ждрепка (од 19 ч.) ќе ги очекува конкурентите на патот кон 10. настап на ЕП

Машката ракометната репрезентација на Македонија денеска со ждрепка (во Лисабон, од 19 часот) ќе ги дознае своите ривали за пласман на 18. Европско првенство (ЕП), кое во 2028 година треба да се одржи во Португалија, Шпанија и во Швајцарија. Македонија од вториот барабан ќе ги очекува конкурентите, заедно со Австрија, Чешка, Фарски Острови, Италија, Холандија, Полска и Србија, што значи дека овие селекции не можат да им бидат противници на црвено-жолтите.
– Многупати покажавме и докажавме дека може да играме против секоја репрезентација, така што треба да се фокусираме сами на себе, бидејки имаме квалитет да се натпреваруваме со која било селекција. Со наша добра игра и голема поддршка од публиката, може да добиеме кого било. Ќе се обидеме, без разлика кои и да се противниците, да одиме на победа на секој натпревар и повторно да обезбедиме настап на ЕП – вели искусниот голман на македонската репрезентација Никола Митревски.

Во квалификациите ќе настапат вкупно 32 репрезентации, поделени во осум групи. Победниците и третопласираните во групите, како и четирите најдобри меѓу третопласираните селекции, ќе играат на континенталното првенство во 2028 година, на кое ќе учествуваат вкупно 24 репрезентации (петти пат по ред).
Во првиот барабан се репрезентации што беа меѓу првите 10 на ЕП 2026, Германија, Хрватска, Исланд, Шведска, Франција, Словенија, Норвешка и Унгарија. Во третиот барабан се селекциите на Белгија, БиХ, Грузија, Грција, Литванија, Црна Гора, Романија и на Украина, а во четвртиот се Естонија, Финска, Израел, Косово, Летонија, Луксембург, Словачка и Турција.
Директен пласман на ЕП 2028 обезбедија репрезентациите на домаќините, Португалија, Шпанија и Швајцарија, како и актуелниот европски шампион Данска. Квалификациите треба да се играат од ноември годинава до мај идната година. Македонија ќе игра за десетто учество на континенталните првенства, а деветто во низа. Најдобар пласман црвено-жолтите остварија на ЕП 2012, кога го освоија 5. место. Г.И.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1: Хрватска, Франција, Германија, Унгарија, Исланд, Норвешка, Словенија, Шведска
2: Македонија, Австрија, Чешка, Фарски Острови, Италија, Холандија, Полска, Србија
3: Белгија, БиХ, Грузија, Грција, Литванија, Црна Гора, Романија, Украина
4: Естонија, Финска, Израел, Косово, Летонија, Луксембург, Словачка, Турција