Македонската ракометна репрезентација, вечерва (20.15 часот) во Злин, ќе го одигра првиот бараж-меч против соодветната селекција на Чешка за пласман на Светското првенство (СП), кое во 2023 година ќе се одржи во Полска и во Шведска. Ракометарите вчера пристигнаа во Злин, а натпреварот се игра во спортската сала „Датарт“, додека реваншот е закажан за в недела во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.).
Мини-подготовките македонските ракометари успешно ги завршија во Скопје, оптимизмот е присутен кај нив и веруваат дека ќе бидат дел од престојното СП.
– Чешка е многу незгодна репрезентација. Можеби не е во топ 10, но секако дека поседува многу квалитет. Има одлични бекови кои играат во одлична форма во германското првенство. И нивниот голман Томаш Мрква исто е во добра форма во Бундес-лигата. Но, сепак, сметам дека во овој бараж-двомеч, ќе се одлучува во недела Скопје. Ние сме добро подготвени и како и секогаш ќе го дадеме максимумот на теренот – изјави за „Нова Македонија“ искусниот репрезенативен бек, Филип Миркуловски, пред денешниот меч во Злин.
Ако Македонија се пласира на СП во Полска и Шведска, тоа ќе биде нејзино осмо учество во низа. Г.И.