КОЛУМНА ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2026
- Македонија мора да направи исчекор, но и да биде свесна за сопствената сила
Ракометна Македонија по деветти пат ќе партиципира на едно европско првенство (ЕП). Машкиот национален тим, во друштво на 24 селекции, на крилјата на (не)реално високите амбиции на јавноста, од една страна, и убава доза резервираност од страна на стручниот штаб на селекцијата, од друга страна, ќе се обиде да ја исполни целта. А која е нашата цел на претстојното ЕП? Официјално, не знаеме. Македонија има уигран состав, играчи што веќе неколку години по ред се на големите натпреварувања, дузина суперискусни играчи, „најдобра лига“ во регионот, буџет за исполнување на сѐ што е планирано во однос на подготовки на националниот тим, суперпобеднички „воспитан“ стручен штаб… Од обезбедување место во повластен барабан до поминување на групата, во која се Данска, Португалија, па и Романија. Тоа се нашите амбиции, скриени, јавно искажани или наметнати. Македонија мора да размислува на чекор напред, но мора и да биде реална за силината на противниците во групата, но и за системот на ЕП.
Добре дојдовте во најавната колумна на „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“ за претстојното ЕХФ Евро 2026, кое од денеска до 1 февруари, којзнае по кој пат, ќе се одржи во Скандинавија. Негови домаќини ќе бидат Данска, Шведска и Норвешка. Ветуваме објективност, издржаност и интегритет. Посакуваме читање до последниот пасус, коментари, критики, полемики и пристојност.
Оваа колумна требаше да биде веќе „отпечатена“ и пуштена во продажба, но решив да почекам да заврши турнирот во Швајцарија. И не погрешив. Македонија со победнички ритам и многу прашалници отпатува за Данска. Трите натпревари со противници од наш ранг и некое ниво подолу му овозможија на Кирил Лазаров да испроба сѐ што може и сѐ што е неопходно. Добив впечаток дека селекторот, фокусирајќи се на дуелот со Португалија, со многу измени бараше постава што ќе му даде минимум измени и конкурентност во два правца. Имајќи ги предвид играчите со кои Македонија напаѓа, тоа воопшто не е лесна задача.
Да одиме со ред.
НАШАТА ШАНСА ПРОТИВ СИЛНАТА ПОРТУГАЛИЈА ПОЧНУВА НА НАШАТА ПОЛОВИНА ОД ТЕРЕНОТ
Ако веќе заклучивме дека Македонија, како и на секое од претходните европски првенства, е во улога на благ аутсајдер, а ние како јавност бараме исчекор напред т.е. поминување група, кој е сегментот каде што секој поголем или помал аутсајдер може да ја подобри својата конкурентност? Одговорот е во одбраната. Кога велам одбрана мислам на зоната, која треба да овозможи тактичко изненадување за противникот, мислам на борбена готовност и мотивација до крајни граници, но мислам и на интелигенција кога треба „со глава“ (не само со срце) да одговори на посилниот противник (од секој аспект). Дополнително, тука, во пакет ги ставам и голманите, како нераскинлив дел од играта на „нашата половина“ од теренот. Апсолвиравме, и преку натпреварите во Швајцарија, дека Македонија има солидни голмани, можеби и нешто над тоа, има искуство, има зрелост и има младост. Сѐ е тука и сѐ е на место. Данска ќе ја „поминат“, најверојатно Томовски и Галевски, а овој вториот би требало на тој натпревар да се стекне со дополнително искуство, во натпревар што тактички нема да го анализираме. Ќе кажеме само да уживаат и да останат здрави сите. Затоа што тие (Данците, де!) во моментов се фаворити во однос на која било селекција на планетата. Со Португалија ќе почне Митревски, кој (би требало да) ги знае своите довчерашни противници или соиграчи од португалската лига. Еден од нашите адути во најважниот натпревар на турнирот.
Спомна некој тактичко изненадување?
Лесно е да се каже, и јас стојам зад тоа дека, ако сакаме успех против противник со реноме на Португалија, мора да имаме фактор на изненадување. Ако се има предвид дека нашата зона 6-0 се „одомаќини“, нашиот тим ќе мора да се обиде со зона 5-1, класична (плитка или длабока) или насочена на едниот или на другиот бек. Ризично, имајќи ги предвид квалитетот на противничките играчи на „црта“, начинот на игра со изолација на една или на друга страна на противникот и дуел-играта на браќата Кошта и на „малиот“ Силва. Но, и прифатлив ризик, имајќи предвид дека зоната 6-0 е доста проблематична на позицијата три, па и четири, во однос на дуел-играта, и позицијата два, во однос на проигрување пивот. Џонов, Атанасиевиќ или можеби Стојковиќ се опциите за „Индијанец“, но ситуацијата назад, со Маркоски, Аларов или со младиот Ристески, не е розова.
ТАКТИЧКИ РУЛЕТ ШТО МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ТРАНЗИЦИЈА И НАПАД НА „НЕСРЕДЕНА ЗОНА“
Резимирам во овој дел: Митревски ќе мора да даде свој импулс со „затворање“ на крилните играчи на помалиот брат од Пиринејскиот Полуостров, нашите крила или барем тие што ќе играат на позициите 1 и 6 во зоната, ќе треба да се „кренат горе“, да ја згуснат зоната, за таму во средината на истата таа да се создаде ситуација на контакт-игра, можност да се пресретне некое додавање кон Интуриза или Фраде, од најдобриот млад играч на планетата, Кико Кошта, неговиот брат Мартим, кој е главна „хаубица“ на тимот или разигрувачот Силва.
Филозофски звучи, знам, но не и нереално. Тоа е ситуација што ќе ни овозможи да имаме транзиција, да го принудиме противникот да постави зона со браќата Кошта, Силва и две крила. Речиси невозможна мисија за селекторот Переира, но и предуслов да постигнеме „полесни“ погодоци. Португалија едноставно мора да менува најмалку еден, но многу често и два играча, затоа што ниту браќата Кошта сакаат, ниту Силва може да одигра зона.
Кога сме кај нападот на противникот, да напоменеме дека тоа е селекцијата што ја игра најдобрата формација 7-6 во светот на ракометот. Но, веројатно тоа ќе се случи само доколку мора.
Одиме со нападот.
ФОРМАТА НА МАРКО И БАЛАНСОТ СО ПИВОТИТЕ ОД РАЗЛИЧНА ПРИРОДА
Тешка задача ќе има нашиот напад против „модерните“ одбранбени играчи на Португалија. Не премногу високи, цврсти, подвижни, Интуриза, Салвадор и Фраде се играчите што го сочинуваат столбот на одбраната на полуфиналистот од минатогодишниот мундијал. Релативно плитка, густа и насочена на чување на својот простор и играчот од противничката екипа, кој го загрозува голот, во тој ист простор. Без непотребни „излетувања“ надвор од 8-8,5 метри и со доверба во човекот што стои назад, во името на Густаво Капдевил, како единствена квалитетна опција на голот, по повредата на Диого Рема.
Селекторот Лазаров, свесен дека во отсуство на Лазаревски (не е сега време да се дискутира зошто Мечка не е тука), Пешевски е единствениот играч на линијата од шест метри, кој прави разлика во моментов, дека Пеше е проблем сам по себе за секоја зона, но и дека истиот тој „го немаме“ во нашата зона, бараше решение на „помало зло“. Младиот „Цар Самуил“ Ристевски конечно е на големата сцена и видовме дека, барем на подготвителните натпревари, доби сериозна минутажа, како решение што може да покрие два правца. Истото тоа важи и за некоја година поискусниот Марко Стојковиќ, кој треба да овозможи игра без измена или со најмногу една измена. Можеме да очекуваме Лазаров да стартува со еден од двата млади и високи пивота, а во одреден момент да се користи Пешевски.
Сепак, најважно за нашиот напад е формата, по повредата на Марко Митев. Очигледно е дека со секој натпревар е сѐ подобар, но и дека е уште далеку од оној ракометен Брус Ли, кој може(ше) сам против сите да добие натпревар. Зборуваме за Митев што прави разлика, дуел-игра еден на еден, многу важна во денешниот ракомет. Храбриот Марко, дрскиот Марко, луцидниот Марко, од кого полза ќе има и тимот. Особено Кузмановски, на кого нема да остане целиот товар на правење разлика во играта, потенцијална ситуација на нервоза и извор на технички грешки. Десната страна, со Серафимов и со Велковски, не е чудотворна, но знае да „испрати“, да реализира вишок, да спроведе „играч повеќе“ и да проигра пивот и крило. Покрај веќе споменатите Митев, Кузмановски, пивотите и двата десни бека, на овие подготовки Македонија доби уште еден играч на кој може да се потпре, Игор Ѓорѓиев, многу различен од Митев, на таа средна бековска позиција. Игра за екипа, има „брзи“ нозе и одлична техника. Можеби на ЕП 2022 не беше баш среќно решение против Словенија и Црна Гора, но овој Симба сега е веќе зрел играч, капитен на екипа со европски трофеј.
Да резимираме.
Зоната ќе биде многу важна за Македонија против Португалија. Македонија има солидна висина во средината, има момци што можат да одиграат и, она што е исто така важно, сето тоа да го „испрати“ со одбрана на голот. Тука е нашата шанса (без разлика на формацијата), да се обидеме да нападнеме од прв или од втор бран, да не дозволиме да се променат Мартим Кошта и Силва, па да решаваме на несредена зона. Нападот, јасно е, ќе биде многу трпелив и досаден. И нека, нека биде, додека Митев и Фитиљ не пробијат или Жаре не добие употреблива топка. Звучи како бајка, но Македонија и на последните дуели во Винтертур покажа карактер, покажа знаење, а очекуваме уште поголем борба за секоја топка, за секој погодок, за секоја одбрана.
Момците треба да го дадат својот максимум и ако тоа е доволно за победа, одлично. Доколку не е така, останува нашата борба за што подобар пласман и место во горниот барабан, кој носи, условно кажано, полесен противник во бараж-дуелот за следната голема смотра.
Среќно!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот
„Ракомет за секое дете“

































