Меѓу криза и катарза: Пелистер се врати во живот или си направи мечкина услуга?

  • Во дербито на колото во македонското ракометно првенство, Еурофарм Пелистер го совлада дома РК Вардар 1961

Битола повторно е во ракометен транс. А според коментарите што ги читаме и слушаме на социјалните мрежи, „Пелистер повторно е шампион“! Се врати насмевката на лицето на чкембарите, што би рекол капитенот на домаќинот.
Полна сала, како потврда на фактот дека ракометот единствено е жив во државата, публика, која како и на избори во огромен дел навива (или гласа) „против“ наместо „за“. Сѐ на сѐ, актуелниот шампион Пелистер Еурофарм го совлада ракометниот клуб Вардар 1961 (морам да внимавам на тоа како го именувам поради реакцијата на луѓето што го водат клубот), го приземји по неколкумесечно летање, истовремено оставајќи го во живот првенството, во однос на тоа кој ќе биде новиот шампион на Македонија.
А сега малку ракомет!
Дербито потврди една состојба во македонскиот ракомет, барем во однос на тимовите што се борат за висок пласман, која е типична за Скандинавија и за Бундеслигата, а тоа е супервисокиот процент на поставеност на зоната 6-0 во играта на првите четири екипи, без алтернатива за промена на истата таа, во ситуација кога колата оди низ брдо.
Така беше и во Битола. Две зони 6-0, од кои онаа на Вардар досега беше, според мене, најцврста, но и со одредени фалинки, кои принудно или ставено на вага, мора да се истрпат. Можеби првпат сезонава таа зона на Вардар беше надиграна и размонтирана. Спомнав пред неколку колумни дека на Вардар му недостига уште еден играч во таа зона, затоа што Хорига, а особено Борозан, без разлика на нивните физички предиспозиции, не се играчи што можат да одиграат на толку фундаментална позиција. Првиот, затоа што неговиот фокус е во нападот, како перјаница на истиот тој, вториот, поради дефокусот, недисциплината и деконцентрацијата како негови главни недостатоци. Премногу топки на црта поминаа покрај Хорига и Борозан, премногу шутеви над нивните раце, премногу дуели загуби Јанковски, за да се надеваат на подобар резултат.
Очекувано, старо-новиот тренер на битолчани, со две главни задачи се обиде да го најде лекот за, до завчера, несовладливиот тим на Вардар, оваа сезона. Во напад, ќе го напаѓаме супернеискусниот (за ваков тип натпревари) Марио Стојановски на петка, а во одбрана ќе бидеме густи на левата страна од зоната, кај Хорига, па и Малус, оставајќи го Митровиќ да решава, за себе или да вработи пивот или крило. Оправдано, да, делумно, Хосни беше прв човек на домаќинот во напад и од разликата што ја правеше профитираа другите. Одбранбено, неуспешно, поради (не)поддршката од голман. Пелистер е смрзнат на солидни минус три или минус четири, среде традиционално ладната Битола. Вардар играше на индивидуален квалитет, покривајќи ги сите недостатоци во играта во напад, а Валах, барем привремено, ја искриви сликата за (не)успешноста на зоната на РК Вардар 1961.

Период или потег што го реши натпреварот е промената на бековските позиции или, поточно кажано, предолгото држење на клупа на двајцата главни играчи на скопјани од страна на тренерот, период што се совпадна со влегувањето во игра на ракометниот нинџа, Иранецот Сеид Хеидарирад. Чудна работа во ракометот е колку е важен тој лик што стои меѓу стативите, што може сѐ да покрие како недостаток на екипата, да создаде можност за транзиција и лесни голови за својот тим, да го фрустрира противникот. Што може да покрие голман, ќебе од „Отекс“ не може!
Вардар сакаше да го реши дербито однадвор, а битолчани имаа друга замисла и со сериозно трпелива игра, упорно форсирајќи дуел-игра и пас на црта зихерашки го однесоа натпреварот на свој терен. Сепак, би било некоректно целото дерби да се сведе на еден играч, или голман, и неговиот перформанс, а да не се напомене мотивираноста на екипата, желбата да се покажат квалитет и карактер, борбата до последна капка пот. Нешто што недостигаше на дуелот со Алкалоид, а го нотиравме тука во последната колумна. Не може човек да не ги забележи односот на Тајник, кој многупати е критикуван тука, не спорејќи ја неговата ракометна поткованост, мотивираноста на Фитиљ и, секако, жарот на Жаре.
Како резиме на сето погоре кажано, ќе парафразирам еден тренер на Пелистер, популарниот Цане Крстевски-Цауро, легендата на битолскиот ракомет, кој пред многу години на човекот по кој салата во Битола го доби името, на натпревар (можеби, не ме држете за збор) со руска ЦСКА му се обрати со реченицата „одоздола не знајш, одозгора не мојш“, сега со малку видоизменет тек на реченицата, приспособена за синоќешното дерби, а во насока на тоа дека гостинот постигна само 23 погодоци, кои во модерниот ракомет не се ама баш никаква подлога за позитивен резултат. Ракометниот клуб Вардар 1961 се обиде одозгора со шутеви однадвор, ама нинџа не дозволи, се обиде одоздола, во дуел-игра, ама зоната на централните позиции со Хенингман, Абутовиќ и Атанасиевиќ беше непропустлива.
Епилогот е тој!

Епилог, кој дојде по неколкудневното дебатирање околу тоа што би можело да се очекува во Битола, на дербито во кое двете екипи влегуваат од различни позиции. РК Вардар 1961 полн со себе, непоразен, стабилен и со четири бода предност и Пелистер, на кој го „остаде“ тренерот (кој е веќе заборавен и ич не ми текнува како се викаше), во ситуација да МОРА да добие. А кога се мора, не е тешко, претешко е. Но на мака се познаваат јунаците, оставајќи едно (или две-три) прашање да лебди во воздухот.
Што се случи во Битола во последните неколку дена што драматично се смени, за шампионот да изгледа како препороден, во дуел со силен противник и лут ривал?
Своеволна оставката во облик на бркање на претходниот, со бојкот на главните играчи и предавање на кормилото во рацете на бандата, која синоќа на дело демонстрира единство и ситуација дека кога сакаме – можеме, по која истата таа, „бандата“ де, во иднина ќе се прашува за многу работи? Или можеби позицијата пред провалија, во која се најде тимот (имајќи предвид дека со пораз Пелистер ќе беше на минус шест), го сплоти тимот (веќе видено овој јуни во „Јане Сандански“) и ги намести коцките, Битола, на голема врата да се врати во конкуренција за титулата?
Како и да е, шампионот на својствен начин успеа да излезе од калта, оставајќи нѐ нас, оние со дијагнозата наречена ракомет, повторно да се прашуваме зошто тоа што се случи синоќа во Битола е добро. Дали станува збор за уште една мечкина услуга направена за ракометниот гигант од Битола или, пак, гледавме најава за продолжување на зелената ера и уште една сезона елитен ракомет во Градот на Конзулите?
Се гледаме во сала!

Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“