Од ракометното минато (10)
- Новата форма на ракомет, оној малиот, полека но сигурно ја освојуваше училишната младина. Драган Геровски-Дале на мечот помеѓу студентските репрезентации на Германија и на Југославија во голем ракомет, одигран пред 100.000 гледачи, во Ахен, во 1956 година, беше прогласен за најдобар играч
Откако во повеќе држави во Европа завладеа новата форма на ракометната игра, нормално беше и на нашите простори малиот ракомет да земе залет и полека да го отвора својот пат. Меѓутоа, мора веднаш да се истакне оти тоа не одело толку лесно. Причината за тоа лежела во фактот што големиот ракомет уште бил на сцена и некако од него не можеле лесно да се откажат спортските сојузи, кои во своите раководства имале многу луѓе со конзервативни сфаќања, кои едноставно стравувале дека ако завладее малиот ракомет, може да го снема големиот. Но, со време, откако и во училишните дворови никнувале ракометни игралишта, станувало јасно оти училишната младина ја прифаќа новата форма на ракометната игра. Инаку, во Скопје малиот ракомет прво се играл на теренот во Партизан, таканаречената Соколана. Таму била формирана и екипа во која членувале учениците од машката гимназија „Цветан Димов“, на кои подоцна им се приклучиле и други младинци од сите делови на Скопје, а најмногу од најблиското Пајко Маало. Така, што би се рекло прекуноќ, игралиштето во Партизан 1 преку целиот ден било исполнето со млади луѓе, кои со голем ентузијазам почнувале да се занимаваат со малиот ракомет.
Наместо турнир, самодвомеч
Сите случувања во ракометот им влевале голем оптимизам на ракометните работници. Еден од двата скопски клуба во тоа време, Работнички, за разлика од Партизан 1, уште немал адекватен терен за игра. Навистина ракометарите имале можност да играат на малите зелени површини надвор од фудбалскиот терен, а најмногу на импровизираното „теренче“ сместено помеѓу соблекувалните на фудбалерите и фудбалското игралиште. Но, и тоа понекогаш било проблематично, зашто секогаш предност имале фудбалерите, кои со години беа одомаќени тука, па некако беше и нормално секогаш да имаат предност. Треба да се спомене оти во тоа време, кога беа почетоците на малиот ракомет, уште со недоверба се гледало кон овој нов спорт. Меѓутоа, кога една Германија, во која големиот ракомет имаше речиси иста популарност како и фудбалот, полека го „фрлаше“ во втор план големиот ракомет, на сите им стана јасно оти перспективата е во малиот ракомет. Тогаш и оние најконзервативните спортски работници, под притисок на новото време и стапувањето на сцена на малиот ракомет, почнале да се повлекуваат и полека да ја отвораат вратата на спортот што доаѓаше на сцена и ги освојуваше младите – малиот ракомет.
Но, иако новата игра ги освојуваше срцата на училишната младина, сепак, не дојде до брзо формирање нови клубови. Во Скопје егзистираа само два клуба, Работнички и Партизан 1, а во другите градови каде што се играше големиот ракомет, Титов Велес, Прилеп и Битола, уште се надевале оти оваа експанзија на малиот ракомет е привидна и оти сѐ ќе биде по старо. Но, откако ракометните работници во тие градови почувствувале оти навистина ќе дојде до пресврт, дури тогаш ги почнале организациските работи околу преквалификација на клубовите од големиот кон малиот ракомет. Можеби од таа причина, поради оваа задоцнета реакција, првиот републички турнир во 1953 година не се одржал зашто немало пријавено доволно екипи, па се одиграл само двомеч со по две средби помеѓу Работнички и Партизан 1. Во првата средба победиле ракометарите на Партизан 1 со 15-10, кои во своите редови имале кошаркари, ракометари, па дури и гимнастичари. Овој пораз како да ги разлутил ракометарите на Работнички, кои токму во тој период заедно со сите клубови од СД Работнички биле земени под патронат на Железницата. Самиот факт што бил обезбеден сигурен спонзор, активностите и работата во сите клубови во друштвото се кренале на повисоко ниво. Тоа живнување нормално се почувствувала и во ракометниот клуб, кој во реваншот остварил убедлива победа над Партизан 1 со 24-17. На тој начин Работнички како поуспешен во двата дуела станал освојувач на првата републичка титула.
Прекинат првиот сојузен турнир
Работнички како најдобра екипа во Македонија во мал ракомет доби право да учествува на првиот сојузен турнир во Белград. Карактеристично за овој турнир е што некои средби се одиграле под рефлектори. Така било и со почетниот натпревар на „железничарите“ од Скопје со колегите од Белград, членовите на ЖРК Железничар. Победата им припаднала на скопските ракометари, кои во игра влегле многу мотивирани. Тие уште во почетокот, особено по феноменалните одбрани на голманот Борче Стојковски, му дале до знаење на противникот оти не се за потценување. Така, во натпревар што бил многу динамичен и интересен, благодарение пред сѐ на голманот Стојковски, Работнички го изненадил организаторот на турнирот и остварил прва победа на првиот сојузен турнир за првак на поранешна Југославија. Но, за жал, токму во моментите на инспирација и кога се очекувало Работнички да продолжи со успешни настапи, турнирот бил прекинат. Причина за ова била смртта на еден од највисоките југословенски функционери во тогашната власт и близок соработник на Титло, Моша Пијаде.
Меѓутоа, и покрај тоа што поради неколкудневната жалост турнирот не се доиграл, Работнички покажал капацитет и најавил оти ќе им биде цврст противник на сите југословенски тимови. Тоа било и прв сигнал оти во Македонија малиот ракомет веќе го зазема своето место, иако тоа е период кога Работнички и во голем ракомет не престанувал со своите активности и на југословенската сцена и во овој спорт бил ривал достоен за почит. Оваа констатација се темели на фактот што во Македонија малиот ракомет уште не бил доволно афирмиран и во многу населени места воопшто не се знаело оти се појавила и новата форма на игра со рака. Но, со време малиот ракомет си го наоѓа своето место во сите средини и станува спорт за кој, покрај фудбалот, училишната младина е најзаинтересирана.
Во тој преоден период забележителна активност во голем ракомет има во Т. Велес, Прилеп и во Скопје. Во трите града уште егзистираа клубовите Железничар, Ударник и Работнички, кои одигруваа натпревари меѓу себе. Оваа „тројка“ немала конкуренција и таа го одржувала големиот ракомет сѐ до оние моменти кога на нашата спортска сцена конечно згаснала оваа игра.
Драган Геровски-Дале ги изненади Германците
Со оглед на тоа што големиот ракомет веќе имаше корени во Македонија, нормално беше да има и некои поистакнати поединци, кои дадоа придонес за неговата афирмација. Еден од нив беше Драган Геровски-Дале, кој не само што беше ракометар туку беше и еден од клучните играчи на КК Работнички. Повремено, пак, го облекуваше и дресот на атлетскиот клуб, особено кога се водеше борба со лутиот ривал Вардар за екипната титула првак на Македонија. Тогаш, во тој финален натпревар, не само Дале туку и Славко и неговиот брат Никола го засилуваа атлетскиот клуб. Славко беше подготвен за настап во повеќе дисциплини. Тој можеше да се види во некоја од трките, но и на борилиштата за скок во далечина и за скок во височина. Неговиот помлад брат Никола беше еден од првите македонски атлетичари што ги поставуваа рекордите во трката на 110 метри со пречки.
Сега, да се вратам на она што беше поента во овој текст. Имено, кога веќе сите мислеа дека го снема големиот ракомет, се случи еден момент што остана забележан во македонската ракометна историја. Во периодот кога малиот ракомет стана доминантен, на изненадување на спортската јавност кај нас, а и пошироко, во поранешна Југославија дошол повик од Германската ракометна федерација југословенската студентска репрезентација да одигра пријателски натпревар со нивниот студентски репрезентативен тим. И на изненадување на македонската спортска јавност, во составот на Југославија се нашол и играчот на Работнички Драган Геровски, популарно наречен Дале. Натпреварот со Германците се одиграл во 1956 година во Ахен, и тоа речиси пред 100.000 гледачи.
Германците, на кои им било тешко да се разделат од големиот ракомет, со овој меч како да сакале да му покажат на спортскиот свет оти големиот ракомет, во кој беа и светски прваци, уште е жив. Токму на тој натпревар во кој Германците победиле со 11-8, нашиот Дале, кој играл на позицијата десен халф, бил прогласен за најдобар играч. Интересно е и тоа што тој бил единствениот дебитант во двата тима. Сите се прашувале зошто селекторот Ирис Доленц му ја доверил оваа одговорна улога на дебитантот. Дали со тоа сакал свесно да го фрли во „оган“, за да го заштити својот миленик Тамбиќ, кој дотогаш бил неприкосновен на халфовската позиција? Како и да е Дале одиграл велемајсторски и сите се прашувале кој е овој играч. Дури во германскиот печат имало и наслов во стилот од каде се појавил овој играч (се мисли на Дале), кој ги фрлил во сенка и прославените германски асови во овој спорт.
За сето ова што се случи со Дале Геровски, повторно ќе кажам оти тоа е заслуга и на Славко, кој уште во почетокот, кога го довел во РК Работнички, во него не само што видел перспективен играч туку и голем талент. А, Дале остана скромен, дури и по онаа спектакуларна игра во Ахен. Во меѓувреме тој играше и мал ракомет, па и тука беше еден од најдобрите. Едноставно, без него не можеше да се замисли РК Работнички. Тој беше еден од клучните играчи, па за него ќе стане збор и во следните текстови од овој ракометен серијал.
































