Македонската женска ракометна јуниорска репрезентација со пораз го започна настапот на ЕХФ Европското првенство во Романија, откако вечерва загуби од Црна Гора со 33-29 во воведниот натпревар во рамки на групата Д.
Македонските ракометарки добро го започнаа натпреварот и влегоа во завршницата на првото полувреме со предност (15-14), но Црногорките возвратија со серија од 5-1 за да заминат на пауза со водство од 19-16.
Црна Гора подобро го отвори второто полувреме и во неколку наврати имаше и предност од плус шест голови, 30-24 во 50-та минута.
Две минути подоцна македонската репрезентација ја преполови негативата (31-28), но не успеа до крајот да избегне пораз.
Најефикасни во македонските редови беа Сара Стефановска и Марија Јанкуловска со по шест голови.
Македонските ракометарки утре од 16.30 часот во рамки на второто коло ќе играат против Данска, а в недела (14.15 часот) против Чешка.
Во воведниот натпревар од групата Д, Данска денеска ја совлада Чешка со 36-26.