Квалификациите почнуваат на крајот на август
РАКОМЕТ
Со ждрепката влечена во седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ), седум македонски клуба вчера ги добија ривалите во квалификациите за пласман во европските купови за сезоната 2025/2026. Во мечевите за пласман во Европската лига за ракометари ќе игра Алкалоид, во квалификациите за Европскиот куп за ракометарки ќе настапат Чаир, Металург Автокоманда и Куманово, а во истото натпреварување за ракометари ќе играат Бутел, Охрид и Тиквеш.
Алкалоид, победникот на Купот на ЕХФ за годинава, во квалификациите за пласман во Европската лига за ракометари ќе се сретне со Хановер (Германија), а натпреварите треба да се играат од 30 август до 7 септември. В петок ќе биде влечена и ждрепката за натпреварите од групната фаза, пишува ЕХФ. Вкупно 24 тима ќе играат за 12-те преостанати места во групната фаза на Европската лига за ракометари, во која директен пласман обезбедија вкупно 20 клуба, меѓу кои е Вардар. При ждрепката не се применуваа правила за избегнување дуели на тимови од иста земја, што доведе до извлекување две домашни двојки, па, така, меѓу себе ќе се сретнат Севехоф и Малме од Шведска, како и Дуго Село и Сесвете од Хрватска, пишува Европската ракометна федерација.
Во второто коло од квалификациите за Европскиот куп за ракометарки ќе настапат три клуба од Македонија, Чаир ќе игра со Млинотест Ајдовшчина (Словенија), Металург Автокоманда со Ред Бојс Диферданж (Луксембург), а Куманово со Каскада Гарлијава (Литванија). Првите натпревари се на 27 и на 28 септември, реваншите на програмата се на 4 и на 5 октомври, а победниците на 25-те двојки ќе им се придружат на седум екипи за третото коло, за кое двојките ќе се влечат по завршувањето на второто коло, пишува ЕХФ. Вкупно 25-те победници од второто коло ќе се пласираат во третото коло, кое ќе се игра од 8 до 16 ноември, а во тоа коло директно се пласираа седум клуба, меѓу кои Ѓорче Петров. Ждрепката за третото коло ќе се влече на 7 октомври, а по третото коло, уште четири кола ќе го одредат шампионот за сезоната 2025/2026 во женска конкуренција, почнувајќи од осминафиналето, пишува Европската ракометна федерација.
Во Европскиот куп за ракометари вкупно 18 екипи ќе играат во првото квалификациско коло, од 5 до 14 септември, кога Бутел ќе се сретне со Дуделанж (Луксембург). Деветте победници од тие двомечи од првото коло ќе им се придружат на 55 екипи со второто квалификациско коло, во кое Охрид ќе игра со Баки (Азербејџан), а Тиквеш со Бешикташ (Турција). Тие средби на програмата се од 11 до 19 октомври. Н.М.