РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026

  • РФМ реши за дуелот утре со Германија (од 18 ч.) влезот во СЦ „Борис Трајковски“ да биде слободен, за ракометарките да имаат поголема поддршка од публиката, која ќе биде неопходна во дуелот против големиот фаворит

Женската ракометна репрезентација на Македонија вчера претпладне се собра во Скопје пред настапот на последните два натпревара, со Германија и со Словенија, во рамките на квалификациите за претстојното Европско првенствo (ЕП), кое во декември годинава треба да се игра во Чешка, Полска, Романија, Словачка и во Турција.
Македонките прво ќе играат со Германија утре во СЦ „Борис Трајковски“ (од 18 часот). За овој дуел Ракометната федерација на Македонија (РФМ) реши влезот во салата да биде слободен, за ракометарките да имаат поголема поддршка од публиката, која ќе биде неопходна во дуелот против големиот фаворит, кој, пак, веќе обезбеди пласман на годинашното континентално првенство, а досега настапил на 16 европски шампионати (во 1994 година, на свој терен, го освои единствениот медал, сребрен).
Вториот натпревар во овој период Македонија треба да го одигра на 12 април, со Словенија, на гости, во Велење (од 18 часот). Словенките девет пати настапиле на ЕП, но немаат освоено медал, а најдобар пласман им е осмото место во 2022 година.
По четири кола, Македонија во групата 3 е на третото место, со два бода, колку што има и Белгија, а на првите две места се Германија со осум и Словенија со четири бода.
Двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации обезбедуваат пласман на ЕП 2026.
Според рангирањето на третопласираните селекции (резултатите против четвртопласираната селекција во групата не се земаат предвид), прва е Португалија (група четири) со два бода, а потоа се Украина (група пет), Македонија (група три), Израел (група шест), Финска (група еден) и Италија (група два), сите без бодови.
Досега пласман на ЕП 2026 обезбедија домаќините, Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција, потоа најдобрите три репрезентации од ЕП 2024, Норвешка, Данска и Унгарија, како и Шведска, Шпанија, Холандија, Германија и Франција, кои по четири кола обезбедија пласман преку квалификациите.
Ако Македонија обезбеди настап на годинашното Европско првенство, тоа ќе биде осми пат, а трет во низа да учествува на континенталниот шампионат за ракометарки. Г.И.


ГРУПА 3

Македонија – Германија утре, 18 ч.
Белгија – Словенија утре, 20.10 ч.

ТАБЕЛА
Германија 4 4 0 0 137-80 8
Словенија 4 2 0 2 98-105 4
Македонија 4 1 0 3 96-116 2
Белгија 4 1 0 3 97-127 2