Нормално, одиме на победа, оти секој позитивен резултат ни дава поголема самодоверба, а таа е клучна во вакви квалификациски натпревари, вели репрезентативната голманка на Македонија, Јована Мицевска, пред утрешниот меч на гости со Литванија

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024 ЗА ЖЕНИ

Македонската женска репрезентација по победничкиот почеток во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во Унгарија, Австрија и во Швајцарија во 2024 година, откако во Скопје го совлада Азербејџан со 40-17, утре со почеток во 15 часот во Вилнус ќе биде пред нов предизвик, но и можност да впише уште два бода на патот кон ЕП 2024. Ривал на избраничките на новиот македонски селектор Кристијан Грчевски во групата пет е репрезентацијата на Литванија, која во првото коло на гости загуби од Шпанија со 14-47.
– Литванија ни е познат противник и е исклучително добра репрезентација, со искусни ракометарки. Имаме уште два дена да ја подготвиме во целост нашата тактика пред да настапиме. Нормално, одиме на победа, оти секој позитивен резултат ни дава поголема самодоверба, а таа е клучна во вакви квалификациски натпревари. Со победа над Литванија ќе бидеме и чекор поблиску до ЕП – вели репрезентативната голманка на Македонија, Јована Мицевска.
Литванската репрезентација досега настапила само еднаш на ЕП, во 1996 година во Данска, каде што го освоила последното 12-то место. Македонија досега има шест настапи на ЕП (најдобар пласман на ЕП во 2008 година, седмо место). Сегашниот состав на Литванија е мошне млад, просечната возраст на ракометарките е 22 години. Дури пет ракометарки, кои претежно играат на бековските позиции, имаат под 20 години, а најмлада е десниот бек Агне Гудлинкуте (17).
– Шпанската репрезентација ја претставуваат ракометарки што се натпреваруваат во познати клубови во Лигата на шампионите, а нашите не се професионалки. Затоа тоа беше како игра на мачка и глушец. Веќе разговаравме со девојките дека треба што поскоро да се подготвиме, да извлечеме поуки од тој меч и да ја насочиме целата енергија на подготовките за дуелот со Македонија. Средбата со Македонија ќе биде многу значајна за нас во овие квалификации. Сите ракометарки го знаат тоа и затоа се решени да се борат в недела – изјави за тамошните медиуми селекторот на Литванија, Каролис Каладинскас.
Првите две репрезентации од осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните, ќе обезбедат пласман на ЕП 2024, прво на кое ќе играат 24 селекции. Директно на континенталното првенство се пласираа актуелниот европски првак Норвешка и репрезентациите на трите земји-домаќини на шампионатот. Г.И.


ГРУПА 5

Азербејџан – Шпанија 15 ч.
Литванија – Македонија утре 15 ч.

ТАБЕЛА
Шпанија 1 1 0 0 47-14 2
Македонија 1 1 0 0 40-17 2
Азербејџан 1 0 0 1 17-40 0
Литванија 1 0 0 1 14-47 0