Поквалитетни сме од Естонија и верувам дека ќе обезбедиме место на Европското првенство. Тие секако дека ќе сакаат да одиграат добар натпревар исто како во Скопје. Очекувам победа, вели првиот голман Никола Митревски
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО 2026
Машката ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, денеска (18 ч.) на гостински терен во Талин ќе го одигра петтиот, претпоследен натпревар против Естонија, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во јануари 2026 во Данска, Норвешка и Шведска. Последниот, шести дуел, пак, е со Литванија в недела во СЦ „Јане Сандански“ (18 ч.). Македонските ракометари во првиот дуел во Скопје славеа против Естонија со 37-33, а во вториот на гости загубија од Литванија со 27-29.
Црвено-жолтите за пласман на ЕП 2026 преку првите две места на табелата треба да ги победат Естонија и Литванија, а притоа Словенија да ја победи Литванија на гости (овој меч се играше синоќа). Првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четири најдобри меѓу третопласираните обезбедуваат пласман на ЕП 2026. Досега седум репрезентации обезбедија учество, домаќините, европскиот првак Франција, како и Словенија (група еден), Исланд (група три) и Хрватска (група пет).
– На двете средби сме фаворити и најважно е да победиме, а математиките да ги оставиме настрана. Со овие две победи ќе бидеме меѓу четирите најдобри третопласирани репрезентации што ќе играат на ЕП. Хендикепирани сме со повреди, но поквалитетни сме и верувам дека ќе обезбедиме место на Европското првенство. Прв ривал ни се Естонците. Тие секако дека ќе сакаат да одиграат добар натпревар исто како во Скопје. Очекувам победа – вели првиот репрезентативен голман Никола Митревски.
Селекторот на Естонците, Мартин Нодла, ќе настапи во комбиниран состав на овој меч, а во составот не може да смета на најдобрите играчи Карл Том и Јирген Руба, кои се повредени, а ќе отсуствуваат и Тимо, Пертелсон, Отса, Челмниш и Патраил.
Црвено-жолтите со ривалите за пласман на ЕП 2026 официјално одиграле вкупно 21 меч, во квалификациски дуели за пласмани на ЕП или на светски првенства (СП), или настапи на ЕП или на СП. Со фаворитот во групата еден, Словенија, македонската селекција има најмногу меѓусебни средби, десет (осум порази и две победи), со Литванија пет (четири порази и едно реми) и со Естонија осум средби (шест победи и две ремија). Словенија на ЕП настапила 14 пати, а најдобриот пласман го има на свој терен, во 2004 година, кога беше втора, но има и по едно четврто, петто место… Македонија осум пати играше на континентални првенства, девет пати на мундијалите, а на големите натпреварувања (ЕП и СП) постојано игра од 2012 година. Г.И.
ГРУПА ЕДЕН
Словенија 4 4 0 0 8
Литванија 4 3 0 1 6
Македонија 4 1 0 3 2
Естонија 4 0 0 4 0