Македонските ракометарки во првото коло во групата А загубија од Шведска со 18-28, а Турција од Унгарија со 24-30
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ
Македонската сениорска репрезентација на досега најголемото Европско првенство (ЕП) за ракометарки, со учество на 24 репрезентации, кое се игра во Австрија, Унгарија и во Швајцарија, загуби во првото коло од групата А од фаворизираната Шведска со 18-28 (7-15). Натпреварот се одигра во унгарскиот град Дебрецин пред 580 гледачи, а македонската селекција, која на ова ЕП е една од најмладите, имаше поддршка и од македонски навивачи. Шведска на ова ЕП цели на еден од медалите, по двете четврти места освоени на Светското првенство во 2023 година и на Летните олимписки игри во Париз годинава.
– Имавме добар настап во почетокот на натпреварот, но потоа направивме многу технички грешки и промашивме многу чисти ситуации, а тоа беше причина за конечниот исход – изјави македонскиот селектор Кристијан Грчевски за Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Девет ракометарки се запишаа во листата на стрелците за Шведска во првото полувреме, вклучувајќи ја и голманката Јохана Бундсен, а седум македонски ракометарки постигнаа гол во текот на мечот. Јована Кипријановска, Сара Ристовска, Марија Јанкуловска и Ива Младеновска постигнаа по три гола, а младата голманка Јована Мицевска имаше 10 одбрани. Кај Швеѓанките, Натали Хегман постигна девет гола и беше избрана за ракометарка на мечот.
Македонките против Швеѓанките сега имаат биланс од две победи и 10 порази. Победите се забележани на свој терен во квалификациите за СП 1997 (23-19) и во квалификациите за ЕП 1998 (20-17). Македонската репрезентација, на која ова ѝ е седмо учество на европските првенства, досега во првото коло забележала пет порази, а двапати победила. Поразите се доживеани на ЕП 1998 од Данска (21-37), ЕП 2008 од Германија (22-25), ЕП 2012 од Франција (16-29), ЕП 2022 од Франција (14-24). Победа на стартот во својата група е забележана во на ЕП 2000 со Данска (20-19) и на ЕП 2006 со Србија (25-23).
Мислите на црвено-жолтите сега се насочени кон вториот дуел од групата А, денеска (20.30 ч.), со селекцијата на Турција, која е дебитант на ЕП. Турчинките во првото коло загубија од Унгарките со 24-30. Двете селекции досега шест пати се сретнале меѓу себе во квалификациски натпревари. Македонија забележа четири победи и два пораза. Победи се остварени во квалификациите за СП 2003 (37-31), СП 2005 (37-29), СП 2019 (30-23) и во квалификациите за ЕП 2012 (26-24). Во другиот натпревар од оваа група играат Шведска и Унгарија (од 18 ч.).
Во преостанатите натпревари во групите А, Ц и Е на првиот ден на ЕП 2024 немаше изненадувања, фаворитите ги освоија бодовите. Три ракометарки беа најефикасни по првиот ден со по девет гола: Хегман (Шведска), Барбара Ланц (Словенија) и Ела Реистад (Норвешка), а натпреварите ги следеа вкупно 12.796 гледачи. Првопласираните две селекции од шесте групи ќе продолжат со натпреварите во следната фаза од ЕП. Титулата ја брани Норвешка. Г.И.
ЕП 2024, РЕЗУЛТАТИ, ДВОЈКИ
Група А: Унгарија – Турција 30-24, Шведска – Македонија 28-18. Идно коло (денеска): Шведска – Унгарија (18 ч.), Македонија – Tурција (20.30 ч.).
Група Б (вчера): Романија – Чешка, Ц. Гора – Србија. Идно коло (утре): Ц. Гора – Романија (18 ч.), Србија – Чешка (20.30 ч.).
Група Ц: Франција – Полска 35-22, Шпанија – Португалија 30-24. Идно коло (денеска): Полска – Португалија (15.30 ч.), Франција – Шпанија (18 ч.).
Група Д (вчера): Швајцарија – Ф. Острови, Данска – Хрватска. Идно коло (утре): Хрватска – Ф. Острови (15.30 ч.), Данска – Швајцарија (18 ч.).
Група Е: Австрија – Словачка 37-24, Норвешка – Словенија 33-26. Идно коло (денеска): Норвешка – Австрија (18 ч.), Словенија – Словачка (20,30 ч.).
Група Ф (вчера): Холандија – Чешка, Германија – Украина. Идно коло (утре): Холандија – Германија (18 ч.), Исланд – Украина (20.30 ч.).