Фото: РФМ

Црвено-жолтите го совладаа српскиот суперлигаш Нов Белград со 85-44 во натпревар од три полувремиња од по 30 минути. Следуваат контролни дуели со Динамо Панчево и со репрезентацијата на Саудиска Арабија

РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ ЗА СП 2025

Македонската ракометна репрезентација, предводена од најдобриот македонски селектор за 2024 година, Кирил Лазаров, која интензивно се подготвува во српскиот град Стара Пазова за претстојното Светско првенство (СП), во јануари в година, во Хрватска, Данска и во Норвешка, го имаше и првиот успешен тест-натпревар. Црвено-жолтите убедливо го совладаа српскиот суперлигаш Нов Белград со 85-44, во натпревар што се состоеше од три полувремиња од по 30 минути.
Според информациите од репрезентацијата, сите македонски ракометари што се на подготовките во Стара Пазова влегле во игра и речиси сите се запишале во листата на стрелците.
До крајот на овие подготовки е предвидено Македонија да одиграа уште два контролни дуела, и тоа со Динамо Панчево и со репрезентацијата на Саудиска Арабија. Репрезентативците на Македонија ќе останат во Србија до понеделник, а по новогодишните празници подготовките ќе ги продолжат во Скопје, сѐ до 7 јануари и заминувањето за Вараждин (Хрватска), каде што ќе ги играат дуелите во групата Д на СП 2025, со Унгарија, Холандија и со Гвинеја. За Mакедонија ова е девети настап на светските првенства. Г.И.