Сара Ристовска беше најефикасна на мечот во Полска / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во првиот меч Полска победи со 22-18, а во другите натпревари во средата победи забележаа Романија, Црна Гора, Швајцарија, Фарски Острови и Исланд, а со реми заврши средбата помеѓу Словенија и Србија

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025

Македонската репрезентација со четири гола негатива ќе го почне утрешниот реванш во Битола (од 19 часот) со селекцијата на Полска, за пласман на Светското првенство (СП) за ракометарки годинава во Германија и во Холандија, откако црвено-жолтите во првата средба, на гости, загубија со 18-22 (8-14).
Македонските репрезентативки од 50-та минута на натпреварот остварија серија од 6-0. Стрелци на головите за Македонија на првиот дуел со Полска беа Сара Ристовска (девет, најефикасна на средбата), Ивана Гакидова, Ана Марија Коларовска, Катерина Дамјаноска (по два), Јована Кипријановска, Моника Јанеска Килдан и Јована Саздовска (по еден). Кај Полска најмногу голови постигна Анета Примис (седум).
Репрезентацијата на Македонија досега пет пати настапи на светските првенства. Од Европа пласман на СП 2025 обезбедија домаќините, Германија и Холандија, потоа актуелниот светски шампион Франција, како и полуфиналистите на Европското првенство лани, Унгарија, Норвешка и Данска. Вкупно 22 европски селекции играат уште за 11 места од Европа на СП 2025, на кое ќе настапат 32 селекции. Синоќа се играа уште четири квалификациски средби, а по првите натпревари во средата победи на гости забележаа Романија и Црна Гора, дома славеа Швајцарија, Фарски Острови и Исланд, а со реми заврши средбата помеѓу Словенија и Србија. Н.М.


БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2025

Полска – Македонија 22-18
Италија – Романија 21-30
Словенија – Србија 29-29
Швајцарија – Словачка 38-22
Португалија – Црна Гора 19-31
Фарски Острови – Литванија 36-26
Исланд – Израел 39-27
Чешка – Украина синоќа
Хрватска – Шпанија синоќа
Австрија – Турција синоќа
Шведска – Косово синоќа

Исланд и Израел реваншот го играа синоќа, а другите мечеви
се в сабота и в недела