Сандер Сагосен е лидер во играта на Норвешка, која негува брз стил, во кој доминира нападот. Главните ѕвезди на репрезентацијата со која денеска Македонија се среќава во првото коло на Светското првенство играат во Германија и низ скандинавските лиги. „Македонија и Холандија се две репрезентации што играат на ниво, a ако имаат свој ден, може да го победат секој ривал, дури и од највисока класа. Мора да бидеме фокусирани од самиот почеток, имаме улога на фаворити на трите меча, но тоа ќе мора и да се оправда. Сонуваме за медал на ова Светско првенство, но и гледаме со голема почит кон сите противници, оти овој Мундијал ќе биде многу силен“, изјави норвешкиот селектор Јонас Виле

РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Македонската ракометна репрезентација, предводена од селектoрот Кирил Лазаров, вечерва, од 20.30 часот, во полскиот град Краков, треба да го одигра првиот натпревар од групата Ф на 28. Светското првенство (СП). Ова ќе претставува осми предизвик за црвено-жолтите на мундијалите. Македонија, која на СП 2023 ќе настапи со подмладен состав, најдобриот пласман го оствари во 2015 година, кога го освои деветтото место.
Селекторот Лазаров ги одреди 18-те играчи што ќе бидат дел од ова СП. В недела (18 ч.) црвено-жолтите играат со Холандија, а во вторник (18 ч.) е дуелот со Аргентина. Првопласираните три селекции од секоја од осумте групи ќе обезбедат пласман во втората групна фаза. Четвртопласираните од групите, пак, ќе продолжат да играат во Президент-купот, во полскиот град Плок, за пласман од 25-то до 32-то место на СП 2023.
Македонија со Норвешка, која се смета за фаворит во овој дуел, на СП одигра еден натпревар, и тоа на СП во Катар, кој го добија Норвежаните со 34-24. На ова СП, од тој состав се само Филип Талески, Никола Маркоски, Гоце Георгиевски и Жарко Пешевски.
Бекот Сандер Сагосен е лидер во играта на Норвешка, која негува брз стил, во кој доминира нападот. Главните ѕвезди на таа репрезентација играат во Германија и низ скандинавските лиги. Норвешка, која е двоен финалист на мундијалите, во 2017 и во 2019 година (но е без златен медал), како квалитетни ракометари ги има Харалд Рајнкајд од Кил, Магнус Род и Горан Јоханесон од Фленсбург и Кристијан О` Саливен од Магдебург,.
– Македонија и Холандија се две репрезентации што играат на ниво, a ако имаат свој ден, може да го победат секој ривал, дури и од највисока класа. Мора да бидеме фокусирани од самиот почеток, имаме улога на фаворити на трите меча, но тоа ќе мора и да се оправда. Сонуваме за медал на ова СП, но и гледаме со голема почит кон сите противници, оти ова СП ќе биде многу силно. Ќе настојуваме од натпревар во натпревар и на секој меч да извлечеме сѐ што можеме од секој ракометар – изјави за тамошните медиуми норвешкиот селектор Јонас Виле. Г.И.


Пет победи во првото коло

Македонската репрезентација на досегашните седум настапи на светските првенства (СП) забележа победа на пет натпревари од првите кола, а загуби двапати. Во 1999 година, во 1. коло беше совладана Саудиска Арабија (28-21), во 2013-та беше надигран Чиле (30-28), во 2015-та и 2017-та беа забележани победи на мечевите со Тунис (33-25 и 34-30) и во 2019 година победа на средбата со Јапонија (38-29). Двата пораза во првото коло се пред 14 години, од Тунис (24-25), и на минатото СП во 2021 година, од Шведска (20-32). Македонија на досегашните седум СП одигра натпревари против 28 селекции, а на вкупно 46 натпревари забележа 20 победи, 24 порази и две ремија. Македонија најмногу дуели на СП одиграла со Русија, четири, а по трипати се сретнала со Тунис Германија, Исланд и со Словенија.


МАКЕДОНИЈА НА СП 2023

ГОЛМАНИ
Никола Митревски
Мартин Томовски
КРИЛА
Петар Атанасијевиќ
Дејан Манасков
Гоце Георгиевски
Ненад Костески
БЕКОВИ
Филип Талески
Иван Џонов
Павле Атанасијевиќ
Филип Кузмановски
Игор Ѓоргиев
Михајло Младеновиќ
Мартин Серафимов
Томислав Јагуриновски
ПИКЕРИ
Жарко Пешевски
Никола Маркоски
Костадин Петров
Марко Стојковиќ


СП 2023 – ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Германија – Катар 18 ч.
Аргентина – Холандија 18 ч.
Мароко – САД 18 ч.
Бахреин – Тунис 18 ч.
Норвешка – Македонија 20.30 ч.
Србија – Алжир 20.30 ч.
Египет – Хрватска 20.30 ч.
Данска – Белгија 20.30 ч.