РАКОМЕТ
- Црвено-жолтите, кои досега девет пати настапија на европските првенства, на патот кон ЕП 2028 нема да играат со селекциите од вториот барабан, Австрија, Холандија, Фарските Острови, Србија, Полска, Чешка и Италија
Сениорската репрезентација на Македонија в четврток во Лисабон (Португалија) ќе ги дознае ривалите во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, кое треба да се игра во Шпанија, Швајцарија и во Португалија, информира Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Црвено-жолтите ќе бидат сместени во вториот барабан, заедно со селекциите на Австрија, Холандија, Фарските Острови, Србија, Полска, Чешка и на Италија, што значи дека не може да игра против нив. Во најсилниот барабан, првиот, се Германија (актуелен олимписки и европски вицешампион), Хрватска (освојувач на сребро на Светското првенство во 2025 година и бронза на ЕП 2026), Исланд (четвртопласиран на ЕП 2026), Шведска, Франција, Норвешка, Унгарија и Словенија. Македонија досега девет пати играла на европските првенства.
Во квалификациите ќе настапат вкупно 32 репрезентации, поделени во осум групи. Осумте победници и второпласирани во групите, како и четирите најдобри третопласирани селекции, ќе играат на континенталното првенство во 2028 година.
На ЕП 2028 ќе учествуваат вкупно 24 репрезентации (петти пат по ред), а директен пласман обезбедија домаќините, Шпанија, Швајцарија и Португалија, како и актуелниот европски шампион Данска. Г.И.
РАКОМЕТ
Словачка се доближи до бараж со Македонија за пласман на СП 2027
Машката ракометна репрезентација на Словачка се доближи до бараж-дуел со Македонија за пласман на Светското првенство (СП) в година во Германија. Словачка на гостински терен, игран во Германија, ја совлада Украина со 27-24 (16-11). Реваншот е закажан в недела во Словачка. Победникот на овој двомеч ќе им биде ривал на избраниците на селекторот Кирил Лазаров, а треба да се игра во мај. Левото крило Јурај Бриатка со седум гола беше најефикасно кај Словаците, а кај Украина доминираше левиот бек Игор Турченко со 11 погодоци. Украина досега настапила на две СП, и тоа во 2001 година, кога го освоила седмото место, и во 2007 година, кога била 14-та. И Словаците досега учествувале на две СП, и тоа во 2009 година, кога биле 10-ти, и во 2011 година, на 17. место. Ако Македонија се пласира на СП 2027, тоа за неа ќе биде осми настап во низа, а вкупно 10-ти во нејзината историја. Г.И.
СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
Прв: Германија, Хрватска, Исланд, Шведска, Франција, Норвешка, Унгарија, Словенија
Втор: Македонија, Австрија, Холандија, Фарски Острови, Србија, Полска, Чешка, Италија
Трет: Литванија, БиХ, Белгија, Грција, Украина, Романија, Грузија, Црна Гора
Четврти: Естонија, Летонија, Турција, Косово, Луксембург, Израел, Финска, Словачка
































