Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ

  • Македонската репрезентација во овој циклус квалификации е во групата 3, со Словенија, Германија и со Белгија, првиот меч на програмата е в четврток, на гости со Германија, а в недела е мечот со Словенија во Битола. На ЕП 2026 ќе се пласираат првопласираните две селекции од шесте групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во тие шест групи

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги објави цените на влезниците за натпреварот на женската сениорска селекција на Македонија в недела (од 18 часот), со Словенија, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година. Продажбата на влезници за овој натпревар од второто коло од квалификациите почна онлајн, во петокот, на интернет-страницата на МК Тикетс, а влезници може да се купат и на сите продажни места на МК Тикетс низ Македонија, по цена од 100 денари.
Македонската репрезентација во овој циклус квалификации е во групата 3, во која се и селекциите на Германија и на Белгија, а првиот меч на програмата е в четврток, на гости со Германија (од 19.30 часот). На ЕП 2026 ќе се пласираат првопласираните две селекции од шесте групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во тие шест групи. Македонија игра за осми настап на ЕП, трет во низа.
На континенталното првенство директно се пласираа домаќините на шампионатот, Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција, како и првопласираните три репрезентации од Европското првенство во 2024 година, Норвешка, Данска и Унгарија. Г.И.