Првиот натпревар Македонија треба да го игра со домаќинот, а потоа и со Словачка и со Швајцарија. Црвено-жолтите на ЕП 2024 се во групата А, со Шведска, Унгарија и со Турција
По двете пријателски средби со Австрија на гостински терен во Брегенц (31-25 и 34-21 за Австрија), македонската сениорска репрезентација во рамките на подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП) годинава (од 28 ноември до 15 декември) во Австрија, Унгарија и во Швајцарија, ќе настапи на силен меѓународен турнир, на кој ќе ја темпира формата за настап на континенталниот шампионат.
Македонија ќе игра на традиционалниот 54-ти меѓународен турнир „Трофеј Карпати“, во романскиот град Клуж, од 25 до 27 октомври, на кој ќе настапат уште и селекциите на Романија, Словачка, Швајцарија, Турција и на Бразил. Според најавата, првиот натпревар Македонија треба да го игра со домаќинот, на првиот ден од турнирот, вториот меч е следниот ден со Словачка, а потоа на 27 октомври со Швајцарија.
Македонија, која досега настапила на шест европски првенства, на годинашниот шампионат на Европа е во групата А, заедно со селекциите на Шведска, домаќинот Унгарија и Турција. Изминатава недела две селекции од групата одиграа пријателски средби. Така, Унгарија ја победи Романија со 37-28, а Турција загуби од Бразил со 25-30 и од Португалија со 26-33. Г.И.