Првиот дуел е со актуелниот светски и олимписки првак и еден од домаќините на континенталното првенство в година, Данска. Најдобрите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза
РАКОМЕТ
Македонската машка ракометна репрезентација ќе игра во силната група Б на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, со селекциите на Данска (извлечена од првиот барабан), Португалија (втор) и со Романија (четврти барабан). Тоа е епилогот на ждрепката влечена во Европската ракометна федерација (ЕХФ), а Македонија пред почетокот беше сместена во третиот барабан. ЕП 2026 ќе се одржи во Норвешка, Данска и во Шведска.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, кои деветти пат ќе настапат на ЕП, мечевите ќе ги играат во данскиот град Хернинг. Најдобрите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза на ЕП 2026. Црвено-жолтите своите натпревари ќе ги играат од 16 до 20 јануари, првиот дуел е со актуелниот светски и олимписки првак Данска, два дена подоцна е средбата со Португалија, а третиот меч е со Романија. На ЕП 2024 во Германија, титулата ја освои Франција, вицепрвак стана Данска, трета беше Шведска, а на Мундијалот годинава медалите ги освоија Данска, Хрватска и Франција.
Од ривалите на Македонија на ЕП 2026, Романија настапи на три европски првенства, во 1994 година (11-то место), 1996-та (деветтото) и во 2024 година (22-то). Во квалификациите за ЕП, светските првенства (СП) или на финалните турнири, Македонија забележа по три победи и порази на дуелите со Романија, која на СП четири пати била првак (1961, 1964, 1970 и 1974 година) и двапати трета (1967 и 1990), а од летните олимписки игри (ЛОИ) има едно сребро (1976) и три бронзи (1972, 1980 и 1984). Со Португалија, која досега играла на осум ЕП (најдобри пласмани 2020 година шесто и седми места во 2000 и лани, а на СП годинава беше четврта), Македонија одигра 10 меча, победи четири пати, а загуби шест средби. Данска има 15 учества на континенталните првенства, освои по две злата (во 2008 и 2012 година) и сребра (2014 и 2024 година) и четири бронзи (2002, 2004, 2006 и 2022 година). Македонија со Данска, која од ЛОИ има две злата (2016 и 2024) и едно сребро (2021), а на СП четири титули (2019, 2021, 2023 и 2025), три сребрени (1967, 2011 и 2013 година) и еден бронзен медал (2007), одигра седум меча, а оствари една победа. Г.И.
ЕП 2026, ПРВО КОЛО
Група А
Германија – Австрија
Шпанија – Србија
Група Б
Данска – Македонија
Португалија – Романија
Група Ц
Франција – Чешка
Норвешка – Украина
Група Д
Словенија – Црна Гора
Ф. Острови – Швајцарија
Група Е
Шведска – Холандија
Хрватска – Грузија
Група Ф
Унгарија – Полска
Исланд – Италија